Петар Печков
Објавено: понеделник, 13 јули 2015
Украдени се вредни предмети од зградата на Повардарската Епархија. Пред една седмица од канцеларијата на Владиката Агатангел, Митрополит на Повардарската Епархија исчезнале повеќе предмети вредни над 15 илјади евра. Констатирано е дека се украдени инсигнии составени од Панагии, крстови и како и други предмети, некои и од злато. Кражбата била извршена професионално, кога непознатиот сторител со алат ја отворил дрвената врата каде се чувале предметите и откако пребарувал, одзел тоа што било највредно.
Од Епархијата настанот го пријавиле во велешката полиција, која започнала истрага за можниот сторител. Тие имале и осомничено лице, кое пак во еден момент им побегнало, бегајќи по реката Вардар. За овој настан зборува негов близок, кој ги раскажа деталите околу бегството.
Откако беше приведен во полиција, тој во станица наводно им признал дека ги украл предметите. По ова потпишал документ и заедно со полицијата се упатиле во неговиот дом, да ги најдат украдените предмети. По неколку часовно пребарување, полицијата не нашла ништо, на што тој им рекол, дека тоа што цело време го зборувал било вистина, тој не е крадецот а признанието било изнудено. По ова на враќање тој им побегнал по Вардар - вели негов близок.
За бегството на осомничениот сведоци се повеќемина велешани кои во четвртокот претпладне биле на муабет, под сенките околу Стар Мост.
Беше некаде девет деветипол, кога наеднаш повеќе полицајци почна некого да бркаат. Тој се симна под мостот и почна да трча по Вардар, по плиткото. Полицајците го гледа одозгора а тој отиде долу до Јаниташ, до таму го гледавме, што се случи потоа незнаеме. Беше млад човек околу30 години. Не знаеме зошто го бркаа ама им побегна пред нос - велат сведоците.
Овој чин привлекол внимание кога бројни граѓани го следеле бегството од Стар мост но и акцијата на приведување. Од СВР Велес потврдија дека имаат пријава од 7-ми јули за извршена тешка кражба во зградата на Повардарската Епархија и дека се превземаат мерки за расветлување на настанот. Го потврдија и бегството на лицето кое е осомничено а подоцна повторно приведено од страна на полицијата.
Tweet |