Петар Печков
Објавено: четврток, 05 март 2015
Нова поголема група не бегалци е откриена во воз на МЖ. Утрово, четврток, во патничкиот кој сообраќал од Гевгелија до Скопје, патувале и 60-тина мигранти, сите со уредно купени и платени билети. Тие беа четири часа во чекалницата на велешката железничка станици, по што беа преземени од Гранична полиција -Југ.
Во разговорот со нив се идентификуваа дека се од Авганистан. Меѓу нив имаше голем број семејства, маж, жена и малолетни деца. Сите тие тврдеа дека бегаат кон земјите на ЕУ, во потрга по подобра иднина, подалеку од сиромаштијата во родната земја. Повеќето беа млади. Од железничарите можеше да се дознае дека во возот имало 59 бегалци.
На железничката станица во Гевгелија имало купени 42 билети додека кондуктерот во возот на лице место наплатил 17. Сите бегалци биле со билет. Откако беа симнати од возот, некои се дадоа во бегство. Полицајците ги фатија. Еден избега дури до Вардар и скокна во него, исплива на другата страна во Речани, иако реката беше голема. Претходно во текот на ноќта во товарен воз на железничка во Велес, беа откриени петмина имигранти, дедо, син и три малолетни деца. И нив ги презема полицијата - вели вработен во МЖ.
Од СВР Велес го потврдија настанот, откривањето на нова голема група бегалци од Блискиот исток во воз на МЖ.
По дојава од полицијата која е во возот, на железничката станица во Велес во 6,45 часот биле симнати околу 50-тина лица мигранти. Истите подоцна се предадени на Гранична полиција Југ, која ги пренесе до Прифатниот центар во Скопје - изјавија од СВР Велес. Ова е втора по бројност откриена група бегалци на Железничка во Велс, првата беше на 31 август лани, кога во товарен воз беа откриени 150 бегалци а на 20 февруари годинава беа откриени 32 мигранти.
Tweet |