Петар Печков
Објавено: петок, 22 јануари 2016
Во дел до велешките училишта нема греење и децата ученици се смрзнуваат по почетокот на Второто полугодие. Родителите од ОУ Блаже Конески посочуваат дека нивните деца седат на настава со јакни, во ладни простории. дека греењето работи само во првите два часа а потоа го нема.
Децата овие два дена се смрзнаа на школо. Дома доаѓаат во 11 иако треба да имаат настава до 12 и повеќе. Кажуваат дека е студено, дека само првите два часа се грее потоа нема греење, часовите се скратени. Нема и дневен престој од толку што е ладно. Ова е срамота што се случува. Ги праќаме децата да учат а не да се смрзнуваат - велат родителите на децата кои посетуваат настава во ова училиште. Директорот тврди греење има а престојот е со намалено време по барање на родителите.
Во нашето училиште парното работи нормално, како и во другите денови од зимскиот период. Се пушта два часа пред да почне наставата и работиме во две смени. Карактеристично е што зградата е таква што требаат неколку дена за објектот да се загрее, по зимскиот распуст. Можеби затоа не е постигнат максималниот капацитет на затоплување но имаше услови за работа и настава. Затоа часовите беа 5 минути скратени. Целодневниот престој е со намелен капацитет, бидејќи имаше барање од родителите дека ќе одат на зимување во ски центрите, па децата ги пуштивме порано - изјави директорот Љупчо Николовски.
Реакција за греењето стигна и од велешката опозиција.
Учениците од „Васил Главинов“ биле принудени да ја следат настава со јакни, шалови и ракавици за да не смрзнат поради тоа што немало греење. Хаотична е состојбата и во ученичкиот дом Лазар Лазаревски. Таму довчерашно бомбастично најавуваните реновирани соби се без парно греење. Ова се случува во 21 век во Велес, децата мрзнат во ладни училници.Наместо веднаш да се реагира и веднаш да се обезбедат основните услови за да може децата нормално да ја следат наставата, стоплени наместо смрзнати, денеска исто така нема греење во училиштата - реагираше Весна Богоевска портпарол на СДСМ.
На ова веднаш реагираа и раководните лица од двете институции, кој уверуваат дека има греење и дека изнесените тврдења се неточни.
Парното и двата дена беше пуштено во 4 часот наутро, имаше пријатна работна атмосфера. Немавме скратени часови, наставата тече редовно и нормално Тоа што се зборува треба да се провери а не само да се каже. Просториите во 7 ч. беа топли - рече директорката на ОУ Васил Главинов Лилјана Коцева Николовска
Непријатно сум изненадена од лагите и невистините. Сакаат да се наруши реномето на нашиот дом. Одговорно тврдам дека парно греење во Ученичкиот дом има 24 часа. Тоа ќе го потврдат и учениците сместени и тука. Имаме обезбедено парно греење за цела година, имаме како резерва грејни тела и децата нема да бидат на услови кои ќе се одразат по нивното здравје - изјави Василка Ѓурчиновска директорка на Средношколскиот дом Лазар Лазаревски.
Tweet |