Петар Печков
Објавено: недела, 09 јуни 2024
Околу 70 учесници, рекреативци, планинари почитувачи на делото на Рацин, беа дел од „Маршот за Рацин“. Тие во мугрите во 4 часот, денес –недела тргнаа од Велес, пред тоа положија цвеќе на неговиот споменик во центарот на градот. Потоа со автобус се упатија до селото Извор – кичевско. Таму беше зборното место, за сите учесници. А нив ги имаше од повеќе градови на Македонија, Скопје, Куманово, Кичево, Битола, Прилеп, Росоман, Сирково. Во 6,30 тргнаа кон Лопушник.
„На врвот од Лопушник беше читана поезија на Рацин или творби посветени на него. Потоа во долот каде е застрелан положивме цвеќе. Се додека Рацин го споменуваме, тој е жив“ – кажа Даниела Јовановиќ, од Еколошкaта групација „Зелена сила“, организатор на настанот и дел од чествувањата и содржините на Рациновите средби.
Искачувањето и симнувањето траеше околу осум часа. На враќање од Лопушник, за сите учесници имало обезбедено ручек, војничко гравче, но не подготвено од АРМ, туку од тамошни планинари, дел од учесниците „Марш за Рацин“. Годинава меѓу учесниците беа и членови на Здружението „Македонски спасител“ - Здружение за безбедност на вода и планина, превентивно за безбедност на сите учесници.
Tweet |