Петар Печков
Објавено: четврток, 23 јуни 2016
При истражувањата на Храмот на Изида, во археолошкиот локалитет Стоби бил пронајден нов значаен момент, кој дава нов простор за работа. При археолошки истражувања на Храмот на египетска божица Изида е откриен натпис со името на богот Серапис.
Сакам да ја споделам информација со јавноста дека лани при ископувањата и истражувањата, се појави натпис кој укажува дека храмот не е посветен само на божицата Изида туку и на нејзиниот партнер Серапис. Се надеваме дека за неколку години, откако целосно ќе го истражиме, ќе можеме да го конзервираме овој храм. Годинава истражувањата таму се завршени, продолжуваат до година, кога планираме да се симне подолу, пониско до римските слоеви на објектот. Во овој комплекс се очекува да се најдат поголем број на мермерни скулптури околу храм на египетски Божица – изјави Силвана Блажевска, директор на НУ Стоби.
Ископувањата во Храмот на Изида биле за документирање на просторот околу храмот при што се истражувале остатоци од објекти од доцната антика, формирани на овој простор во 5-6 век, откако Храмот излегол од употреба. Почитувањето на култот на Изида и Серапис во Стоби е познато уште во минатото како резултат на повеќе наоди.
Храмот беше откриен во 2008 година, а откритието на мермерна скулптура на Изида во 2012 година конечно ја реши дилемата за дедикацијата на објектот. Култот на божествената двојка е широко распросранет и прифатен во римскиот период на Медитеранот, Во Храмот на Изида со двете подземни простории, се вршеле ритуали поврзани со мистичниот култ на божицата.
Изида е египетско божество чиј култ се проширува во Македонија и Медитеранот во текот на хеленистичкиот период и е актуелен до почетокот на доцната антика и доминацијата на христијанството. Таа најчесто е почитувана заедно со богот Серапис како мајка на целата природа, божица на небото, морето и подземјето.
Tweet |