речник контакт

Цариници бркале сомнително возило, кога внатре емигранти

Автомобилот оставен во близина на Велес, шоферот избегал од колата излегле девет илегалци

Петар Печков

На патниот правец Гевгелија- Неготино, специјалните единици при Царинска управа открија обид за нелегален превоз на девет емигранти, соопштија од Царината.

Царинските службеници од Одделението за оперативни работи, на 11 февруари, околу 1 часот по полноќ, на патниот правец Гевгелија- Неготино се обиделе да сопрат патничко моторно возило со скопски регистарски ознаки, поради сомневање дека возилото пренесува нелегална стока.

Шоферот на возилото ги игнорирал наредбите и скршнал од автопатот при што продолжил да се движи со голема брзина по стариот пат Градско- Велес. Царинските службеници ги известиле и соодветните служби од Министерството за внатрешни работи со цел координирање и заедничко сопирање на возилото.

По получасовна драма по патиштата, во близина на Велес, возилото нагло запрело на нагорнината кај село Грнчиште, при што возачот излегол  од него и побегнал лево од патот оставајќи го возилото неконтролирано да се движи наназад.

По ова истото со задниот дел удрило во службеното царинско возило, по што го сменило правецот на движење и излетало надвор од патот. Во тој момент од просторот наменет за патници како и од багажниот простор почнале да излегуваат дури  девет патници.

Тоа биле  илегални емигранти со потекло од Пакистан, Сирија и Авганистан, кои според првичните сознанија, по нелегален пат се обидувале од Грција, преку Македонија и Србија да заминат кон западноевропските земји. Емигрантите се предадени за натамошно постапување.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »