Петар Печков
Објавено: сабота, 20 декември 2014
По шести пат Здружението на граѓани ,,Јени хајат,, од Велес го организираше ,,Отворениот ден на турската заедница во Велес,,. Тие во повеќенаменскиот простор на ОУ Блаже Конески се претставија со националниот фолклор, турски ора и песни, како и јадења подготвени за оваа пригода.
На овој начин го одбележуваме денот на турската култура, денот на турската азбука 21 декември. Ова е мала прослава на бројната турска заедница која живее во Велес. Цел е да го промовираме начинот на живеењето на Турците, нашата култура, фолклор, носии, уметност, во минатото и денес -рече Дунјамин Мехмед претседател на Здружението, организатор на манифестацијата.
Пред присутните беше претставено истражувањето на велешанецот Љупчо Данов, за значајните имиња од поновата турска историја, кој се родени во Велес, а живееле во Турција и биле на високи позиции во тамошната држава, биле генерали, судии, министри. Бројните гости има можност да видат дел до турскиот фолклор, да ја слушнат познатата велешка чалгија, која на почетокот од 20-тиот век, некое време му свирела и на султанот во Истанбул.
Меѓу јадењата имаше и вкусни специјалитети, кои бргу ги снема од масите. Турците според последниот попис се втори по бројност со 4 отсто од населението во општината.
Азиз Бекирова подготви селско турско јадење додека Мевљуде Бекирова подготви лахмаџун. Тоа е тесто кое се подготвува како за леб, се пече тенко, пота се премачкува со мелено месо, со кормид, рендан морков и се допекува. Кога е готово се витка во ролни, со тоа што се става салата, зелка, морков. Слично на грчкото гиро, ова е турски одговор лахмаџун. Јумурзет Јашарова пак подготви пастрмалија екмек. Топа е тесто кое се развлекува в о кори, кои се поставуваат во тавче и врз нив се нафрла пастрма. Кога ќе се заврши со редењето на корите, освен пастрмата, сушено овчо месо, се ставаат и јајца.
На масите имаше и Турли тава, елбасан тава, мусака, сарма со винова лоза, кори, јајчаник, полнети пиперки, јанија, пилав. Поголем интерес имаше за благите, татлии, раванија, баклава, гриз алва шеќерпаре, кадаиф, локум. Колку беше вкусно говори и тоа што за еден час, се снема од масите. Велешани го поздравија овој настан.
Ова е убава можност да се запознаеме со традиционалната кујна на нашите соседи, пријатели, сограѓани. Храната е нишка која ги спојува луѓето до Балканот - изјавија велешани, присутни на манифестацијата, збогатена со турски ора и песни.
Tweet |