Петар Печков
Објавено: понеделник, 26 април 2010
Настанот се случил во саботата околу 13 часот пред Здравниот дом во Велес, кога Рукие Ангиова ( 21 год) од Штип ја фатиле родилни болки. Сопругот кога ги видел на блискиот паркинг,колите на Итната служба, дознал дека се пред зграда каде има лекари, па веднаш ги алармирал а на помош пристигнала дежурната екипа од Брзата помош, која помогнала при раѓањето а чинот се извршил во автомобил.
Кога стигнавме веќе беше започнато породувањето, па иако немаше бабица моравме сами да ги завршиме овој чин. Се роди здраво женско бебе кое веднаш заплака и го пренесовме на Гинеколошкото одделение. Моравме брзо да реагираме бидејќи имаше ризик од раѓање во надворешни услови а бебето е осетливо на ниски температури. Затоа веднаш го затопливме и заедно со мајката ги однесовме во Болница. Во мојата лекарска пракса се случувало да породуваме и друг пат во вакви ситуации, но секогаш со бабица сега морав сама да ја завршам оваа работа – вели д-р Јадранка Мишкова која го извршила породувањето.
Мајката и бебето според надлежните од велешката Болница се во добра состојба и тие наскоро ќе ја напуштат оваа институција. Ангиова иако во одмината фаза на бременост, заедно со нејзиниот сопруг во Велес биле да собираат старо железо и среќна околност е што кога започнале родилните болки се нашле пред Здравниот Дом, па породувањето завршило добро. Новороденчето е четврто бебе на семејството Ангиови и сите се женски.
Tweet |