Петар Печков
Објавено: сабота, 16 јануари 2016
„Нешенел џиографик“ објавил листа на 100 настани кои го промениле светот: историски пресврти, револуционерни идеи и научни достигнувања, кои пресудно влијаеле врз човештвото. „Бизнис инсајдер“ се ограничил на 10-тина настани, кои ја промениле воената историја: од откривањето на огнот, со стационирање на најмоќното оружје на светот
Откривање на огнот, пред 1,4 милиони години
Првиот изум кој ги одвоил современите луѓе од нивните еволутивни предци било намерното палење оган. Додека поранешните видови, како Хомо еректус, го користеле природно предизвиканиот оган, Хомо сапиенс почнал прв свесно да го пали. Користењето на огнот им овозможил на луѓето да подготвуваат храна, да се греат, да го осветлуваат просторот. Палењето на огнот го означува почетокот на сите технологии кои човекот ги користи и го трасира патот на обработка на металите и изработка на постабилни орудија.
Користење на лакот и стрелата, 15.000 години пр.н.е.
Се претпоставува дека првите лакови и стрели биле правени од материјал кој немал долг век на траење, па не е познато кога биле прв пат произведени. Најстарите откриени лакови се најдени во Холмегард (Данска) и направени се 9.000 години пр.н.е. Луѓето веројатно го создале ова оружје за полесно да ловат животни, а се претпоставува дека е создадено според примитивните проектили, како што се исфрлувач на копја и бумерангот. Многу брзо, лакот и стрелата се приспособени за воена употреба. „Нешенел џиографик“ наведува дека во 5.400 г. пр.н.е., стрелите веќе биле главно оружје.
Примена на тркалото, 3.500 години пр.н.е.
Тркалото влегло во поширока употреба најдоцна до 3.500 година пр.н.е. и значително влијаело врз различните аспекти на општеството, вклучувајќи ги и транспортот, користењето на грнчарското тркало и развојот на воденичкиот камен. Околу 2000 година пр.н.е. тркалото влегува во воена употреба. Хетитите се првата позната цивилизација која користела кочии со коњска запрега.
Почеток на железната доба, 1.200 години пр.н.е.
Хетитите први почнале масовно да го користат кованото железо, околу 1400 година пр.н.е., а околу 1200 г. пр.н.е технологијата на ковање железо се проширила од Мала Азија во Европа, Африка и Азија. Исклучително постојаниот материјал пресудно влијаел врз човечката експанзија. Оружјето од железо овозможило поефикасна обработка на земјата, а со самото тоа и демографска експлозија. Железното оружје и оклопите ги замениле другите метали како бронза, а цивилизациите што го имале овој метал побрзо се ширеле од нивните соседи.
Користење на бетонот како градежен материјал, 200 години пр.н.е.
До 200 година пр.н.е. Римјаните развиле технологија на производство на бетон. Исклучително цврст и водоотпорен, овој материјал нашол широка примена: почнувајќи од изградба на храмови и јавни плоштади, па се' до познатите римски акведукти. Исто така, бетонот има придонес за Римјаните да ја задржат воената и културната доминација во деловите на светот под нивна контрола. Развиле широка мрежа на квалитетни патишта, а бетонот го користеле и за изградба на пристаништа, кои дополнително го прошириле влијанието на Рим.
Прецизна навигација, 1569 год.
Се' до 1569 година, навигацијата во големите води била долготрајна и тешка работа. Поради несигурноста на тогашните карти, навигаторите секој час морале да гледаат во компас и да го приспособуваат курсот. Фламанскиот картограф Герхард Меркатор направил карта на светот која е карактеристична по паралелните линии (меридијани) со еднакви меѓусебни растојанија и напоредници (паралели), кои исто така се паралелни, но со растојанија што се зголемуваат кон половите. Неговиот картографски метод, кој и денес се користи, им овозможува на навигаторите лесно и прецизно да го одредат курсот и да ги поттикнат истражувањата и европската експанзија.
Почеток на индустриската револуција, 1712 година
Употребата на железото и челикот, како и откривањето нови извори на енергија, ја поттикнале индустриската револуција, која започнала во Англија во 18 век. Парната машина, која во 1712 година ја направил Томас Њукомен, ја намалила потребата за човечката енергија и истовремено ги проширила можностите за транспорт и производство. Уште некои значајни откритија се: паробродот, авионот, телефонот, радиото, како и организацијата на работата (мануфактура).
Развој на телекомуникациите, 1876 година
На 7 март 1876 година, Американскиот завод за патенти му го доделил на Александар Греам Бел „еден од најскапоцените патенти во историјата“. Три дена подоцна, Бел го применил својот изум за на својот помошник на другиот крај од ходникот да му каже: „Господине Вотсон, дојдете тука. Потребен сте ми“. Телекомуникацијата се проширила низ цела Америка, а во 1927 година се извршени и првите меѓународни разговори. Бројот на претплатници на мобилната телефонија ширум светот денес изнесува речиси седум милијарди.
„Проектот Менхетн“ и најмоќното оружје за кое се знае, 1941 година
Еден месец пред почетокот на Втората светска војна, германскиот гениј Алберт Ајнштајн напишал писмо, по кое Америка влегла во нуклеарна трка со нацистите. Во писмото од 1939 година, Ајнштајн го предупредил американскиот претседател Френклин Рузвелт дека силна нуклеарна верижна реакција на ураниум би можела да доведе до конструирање на „екстремно силни бомби од нов тип“ – атомска бомба. Две години подоцна, создаден е „Проектот Менхетн“, американски план за проектирање и изградба на најразорно оружје, кога било произведено.
На 6 август 1945 година, во 8.15 часот, светот влегол во атомската ера, кога е употребено најразорното оружје. Првата атомска бомба употребена во војна паѓала 44,4 секунди, пред да ослободи околу 12.500 тони ТНТ над јапонскиот град Хирошима.
Невидена вселенска трка, 1954 година
Во 1954 година, Русија предложила да се изгради вештачки сателит и по три години, „Спутник 1“ ќе биде првиот сателит кој ќе кружи во орбитата на Земјата. Во соработка со германскиот аеронаутички инженер Вернер фон Браун, Америка во 1958 година успешно го лансирала сателитот „Експлорер 1“. Три години подоцна, рускиот космонаут Јуриј Гагарин станал првиот човек во вселената, што ги поттикнало Американците да го испратат првиот човек на Месечината, на 20 јули 1969 година.
Приватните компании, како што се „Спејс икс“ на Илон Маск и „Вирџин галактик“ на Ричард Брансон моментално интензивно работат на создавање платформа за вселенски туризам.
Револуцијата на интернетот, 1991 година
Кога британскиот програмер Тим Бернерс-Ли кон крајот на 1960-тите години ја измислил светската мрежа (World Wide Web), светот влегол во ерата на интернетот. Ли развил „софтвер кој ги поврзува сите сродни документи на неговиот компјутер и набрзо потоа поврзал многу компјутери за корисниците да можат да споделат документи, без база на податоци“, наведува „Нешенел џиографик“. Денес, повеќе од три милијарди луѓе користат интернет.
Регенеративна медицина, 1999 година
Првиот голем чекор во насока на обновување на оштетен орган или изгубен екстремитет е направен во 1999 година, кога лекарите во Вејк Форест успеале да одгледаат нов црн дроб. Од тогаш научниците ги усовршуваат регенеративните техники. „Дури и мозокот, за кој некогаш се сметаше дека е забрането поле за регенерација со помош на матични клетки на начин на кој тоа сега се прави со црниот дроб и коските, станал тема. Истражувањата со неутрални матични клетки (НСЦ), кои можат да заменат уништени неврони кај жртви на мозочен удар, би можеле да резултираат со нови методи на лечење на заболувања како што се Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест.“
Tweet |