Петар Печков
Објавено: четврток, 23 август 2018
Велешанецот Павле Гулевски (42 год) доби 12 години затвор за разбојништво кое го сторил врз старица во населбата Речани. Гулевски е прогласен за виновен во Основен суд Велес за настанот кој се случи на 2-ри февруари годинава на улица Димитрија Андонов Папрадишки околу 23ч.
Гулевски според обвинението со фантомка на главата влегол во куќа кај жена на возраст од 80 години и и вперил пиштол, барајќи пари. Жената му рекла да си оди и дека нема пари. Во тој момент, осомничениот го исекол кабелот од фиксниот телефон и ја врзал жената а со нож и ја повредил.
Од ташна во плакарот одзел 9000 денари и си заминал. Жената успеала да се ослободи и да се јави во полиција. Обвинетиот е пронајден по извршеното и препознавање од страна на оштетената.
Гулевски не го признал делото а според неговите бранители не е пронајден ниту пиштолот ниту ножот со кој било извршено делото. Пресудата не е правосилна.
Tweet |