Петар Печков
Објавено: сабота, 07 декември 2013
Во трошната зграда на улица Боре Хаџиески Путе бр 69, недалеку од реката Црн Дрим во Струга, се наоѓа музејот д-р Незлобински. Тука на 600 метри квадратни се сместени повеќе од 12 илјади примероци животни. Тоа со децении е нивниот вечен дом, место каде преку природно научната изложба можат да се видат примероци на голем број животински и нешто помалку на растителниот свет од струшко или од крајбрежјето на Охридското езеро.
Овој музеј е ризница на флората и фауната на едно од најстарите езера во Европа. Во неговите витрини можат да се видат од милиметарски комарци до огромната мечка, птици кои некогаш живееле а сега веќе ги нема оти струшкото блато е исушено. Во музејот има инсекти, риби, змии, птици, диви ѕверови, животински свет одлика на овој дел од Македонија. Сите тие предизвикуваат интерес, во зависност од профилот на посетителот.
Горди сме на инсектот водена сеница која ја има само на Охридско езеро и на Бајкал. Таа е голема од пола милиметар а кај нас ја има долга пет - шест сантиметри. Редок примерок е и инсектот, пеперутка фантомска глава. Доаѓаат посетители кои се воодушевуваат на чапјата, други на мршојадците, трети на мечката. Сите со неверување го гледаат рекордниот уловен примерок на пастрмка, капиталец од 16,5 кг. Зависи од секој посетител индивидуално – објаснува Јосиф Гускароски препаратор во Народен Музеј Струга кој оваа работа ја врши цели 40 години.
Тој е и сведок на растежот од 75 годишниот стаж на поставката. Заедно со негов покоен колега Илија Шулевски биле дел од екипата која сама ги ловела, потоа ги препарирала и поставувале експонатите во музејот. 27 години биле постојано на терен, сега повеќе не. Ако до пред некоја година и деца доаѓале со уловен животински примерок и желба да се прошетаат низ музејот, сега наместо прошетка прашувале колку пари ќе добијат за уловеното животно.
Во музејот се затапени сите водови инсекти, нив ги има најмногу,потоа, риби, влекачи, цицачи или целата флора на езерото и добар дел од фауната. Во музејот започната е нова обработка на рибите, влекачите од формалин во дело пластика - суви препарати. Најбитно за сите примероци е да не ги фати влагата, таа е нивниот единствен противник.
Пожар за еден ваков музеј е ако експонатите ги фати музејска гризлица и молец. Ако тие се појават тоа е исто како да ги фатил пламен. Секоја втора година се врши дератизација и дезинфекција. Третманот и заштитата се секојдневна грижа, за да на се јави прашина оти и таа создава проблеми - вели препараторот Јосиф, еден од малкуте што ги има во земјава.
Секој од 12-те илјади примероци има своја приказна, затоа прошетката низ просториите може да трае со часови. Тој објаснува дека пердувот што секој ловец на капата е од сојка, тоа е првата птица која мора да ја застрела и тоа во лет, да се откине еден пердув од неа и тој потоа стои гордо кренат на капите од ловците. Имало верување дека во Струшко го нема белиот глушец, туку само во Словенија и Хрватска, но Јосиф со Илија го уловиле и сега е доказ дека тој живее и во овие краишта.
Во витрините се и чапјата, пеликанот кои повеќе не живеат во Струшко оти нема повеќе мочуриште, се верува дека на Јабланица има рис, мршојадец. Во музејот недостига дивокоза. И покрај најавите од ловците од овој дел на Македонија како и претставници на Македонски шуми, дека ќе застрелаат и ќе им донесат, тоа досега не се случило. Надлежните од музејот се уште чекаат ова ловџиско ветување да се исполни.
Освен гости од Македонија доаѓаат и бројни странци. Посетители се деца ученици пред се од Западна Македонија, помалку од Источна. Странци има Грци, Холанѓани, Израелци, Срби или сите што доаѓаат во Струга на организиран одмор. Холанѓаните биле најстудиозни при посетата, секогаш со стручна литература и прошетка која трае со часови и надвор од работно време. Но сите со ист впечаток, воодушевени од виденото. Но за да видат и повеќе треба поголем простор.
Време е музејот да добие нови поголеми простории. Дел од експонатите ги чуваме во депо и не се достапни за посетителите. Најголем проблем ни е просторниот – рече директорот на НМ во Струга Сашо Цветановски.
Најголема атракција во музејот е телето со две глави. Тоа предизвикува најголемо внимание и интерес кај посетителите.
Пред многу децении се случи чудо на природата, бидејќи имаме два исти примероци на теле со две глави од иста крава. Тоа е незабележано во светската пракса. Кравата била од струшкото село Шум. Првиот пат било при крај на триесеттите години тоа е оставина од д-р Незлобински а се повторило во 1957-ма година. Два пати иста крава раѓа двоглаво теле. Иако не му е место во музејот, според неговиот вид, не го тргаме оти е атракција – вели Гускароски.
Годинава природно научната изложба при НМ од Струга одбележува 75 години од постоењето. Нејзин автор е Русинот д-р Никола Незлобински, кој како емигрант белогардеец доаѓа во 1921 година. Незлобински, во Струга бил испратен со задача да работи на сузбивање на болеста маларија. Тој како голем љубител на природата се воодушевил од околината на Струга и Струшкото блато. Од таму почнал да создава збирка на препарирани животни која со годините растела.
Во 1928 година д-р Никола Незлобински, во една од бараките на болницата која сам ја оформил, поставил збирка како постојана музејска поставка и со тоа го втемелил Природонаучниот Музеј – Струга. Во време на Втората Светска војна експонатите биле сокриени од страна на докторот во специјални сандаци и тајно чувани од страна на стружани. Доктор Никола Незлобински е почесен граѓанин на Струга.
Tweet |