речник контакт

12-ти јули Петровден

12-ти јули е Петровден. Честите именден за сите кој го слават овој ден. Кој бил Св Петар, читајте во продолжение..

Петар Печков

По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконата тие се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.

Светиот апостол Петар е роден во селото Витсаида на брегот на Галилејското езеро. Потекнувал од рибарско семејство и еднаш кога ловеле риби на езерото ги видел Исус и ги повикал по што Петар заедно со брат му Андреј го напуштиле рибарскиот занает и му се придружиле. Така од ловци на риби станале ловци на човечки души. Првото име му било Симон, а кога Исуса го признал за син Божји, овој го нарекол Петар, што значи камен (карпа). Со тоа Исус сакал да каже дека својата црква ќе ја изгради врз верата на Петар што била цврста како камен.

Како верен Христов ученик Петар бил со својот учител во многу прилики во кои не биле другите апостоли како на пр. при преобразувањето (Преображение), при воскреснувањето на Јаировата ќерка и сл. Петар предложил да биде избран нов апостол на местото на Јуда кој по предавството се обесил. Со коцна бил избран Матеј и со тоа бројот на Христовите апостоли пак станал дванаесет.

Исто така, по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите кога овие се исполниле со него и започнале да зборуваат на разни јазици, а народот помислил дека се пијани, Петар одржал впечатлива беседа кажувајќи дека тие не се пијани туку дека се исполнети со Светиот Дух. По оваа беседа Петар ги повикал присутните да ја примат Христовата вера и само во тој ден се крстиле околу 3000 луѓе.

Затоа што бил силен поборник и пропагатор на Христовата вера Петар бил трн во очите на еврејските свештеници, кои чекале погодна прилика да му се одмаздат. Еднаш на стари денови Петар дошол во Рим. Тогаш таму владеел Нерон, голем безбожник и тиранин, противник на христијанството, а христијаните ги фрлал во арените со лавови.

Тој и апостол Петар го осудил на смрт, но кога сакале да го погубат со распнување Петар ги замолил да не го прават тоа зашто не е достоен да умре како својот учител Исус Христос, туку да го распнат со главата надолу. Егзекуторите така и направиле и на 12 јули (или 29 јуни според стариот календар) во 61 год., светиот апостол Петар во големи страдања го завршил животот. Во близината на Рим, истиот ден исечен од противниците на Христијанството е и светиот апостол Павле. Затоа светата Христијанска црква споменот на овие двајца апостоли го празнува во ист ден.
На иконата светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. И двајцата држат отворени книги.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »