речник контакт

137 години семејна традиција на Боцеви фотографија

Повеќе од седумдесет години велешанецот Томе Боцев е верен на фотографијата и планинарството. Дел од досега необјавените фотографии во јавноста за посетителите на ТРМР. Уште во 1927-та мајка му била од дома, како невеста земена со автомобил, како се изнајмувал авион за пола саат летање над Велес..

Петар Печков

Повеќе од седумдесет години велешанецот Томе Боцев е верен на фотографијата и планинарството. На шестгодишна возраст, судбината сакала за прв пат да влезе во темната лабораторија на мајка му и да почне да создава слики а на истата возраст се искачил на 2540 метри, високиот  врв Солунска глава. Тој како и тогаш  и денес знае  да ги земе скиите и да отиде на планина, но и да влезе во лабораторијата да побара нешто од огромното домашно богатство од црно  бели филмови и да најде некоја нова фотографија.  Така тој ја продолжува 137 години долгата традиција на фотографирање во семејството Боцеви.

Семејно фотографирање го започнал  дедо ми Ѓоше,продолжил  татко ми Тодор, па  мајка ми Нада и сега јас сум последниот наследник на оваа семејна традиција.  Благодарејќи на овој занает, мајка ми изгледала три малолетни деца, мене братот и сестрата.   Во најголем дел се работело во семејната куќа, освен еден период кога сме имале дуќан, кај денес што е киното во центар. Се додека не дошла струјата се работело по дневна светлост. Мајка ми имала предност пред другите фотографи, што таа е жена, па често ги фотографирала муслиманките од велешките села, само таа можел да го видни нивното лице  – вели Томе кој е дипломиран металург.

Едно време работел и во велешкото средно Хемиско училиште, но повикот кон фотографијата, бил посилен и  по неколку години го напуштил професорското место. Иако има 80 години уште е активен со фотографирањето, апаратот не може да го остави да мирува.  Се сеќава како започнал со фотографијата, на иста возраст кога прв пат освоил планински врв.

Доаѓам дома од училиште, фрлив тетратките, книгите и мајка и велам одам да играм. Таа ме врати дојди јас ти најдов нова играчка. Влеговме во студиото и ме запозна со тајните со создавањето на фотографијата. Од сто слики јас направив една и велам, гледај колку фиран отиде од мене, а таа ми одговори оваа  една вреди за илјада. И така почна моето животно занимање фотографирањето. Тоа го следеа и братот и сестрата, но јас останав цел живот верен на сликата. Исто од шест години сум планинар , тогаш го освоив  врвот Солунска Глава 2540 метри, откако мајка ми сликаше во  селото Горно Јаболчиште за лични карти, тогаш го видов врвот и со мештаните се искачив – објаснува Томе.

Тој и денес знае да ги земе дрвените скии, фотоапаратот и да замине, во ова зимно  време на планина. Се уште се натпреварува во маратонски маршеви, 12 часа одење,  во  картографија, ориентација, бусола, знае да биде и на чело на планинарската колона а помладите да побараат од него да оди на крајот, оти ,,многу форсира,, Во 2009-тата ја доби највисоката награда од планинарството во Македонија, признанието ,,Даре Џамбаз,, за животно дело.  Предизвиците го привлекуваат.

Го имам цел Балкан го имам освоено, Триглав, Мусала, Олимп и сега секоја година сум на овие врвови. Имам 850 км одено пеш Скопје до  Тјентиште, Богомилскиот поход десетици пати. Апаратот ми е реквизит кога одам на планина, се уште и скијам на овие старински скии -  вели Томе.

А во овие негови освојувања друштво во  еден дел му прави и сопругата Рајна. Од планинарењето има илјадници фотографии, за што организирал повеќе изложби. Боцев ја имал привилегијата да ја фотографира целосната изградба на Топилницата од удирањето на темелникот до пуштањето во употреба и првите десет години од работата, да биде сведок на нејзиното создавање. За секое сликање добивал пусулче, дозвола дека може да фотографира. Се сеќава дека велешани пред половина век сакале да се сликаат.

  Имало традиција да се фотографира, семејни фотографии,  за Велигден, Божик, мај, излет, кога имало селски слави.  До пред  НОБ во Велес за Прочка имало карневал, не организиран туку самоиницијативно, луѓето оделе  по улица во маски, возрасни, деца. Велешани сакаа да се сликаат, доаѓаа дотерани, среќни и насмеани. За жал со новото време исчезнува традицијата. Со дигиталната фотографија сакаат повеќе д а се видат како изгледаат, повеќе им служи како огледало.  Сега ретко кој сака таа да остане спомен. Мора да се бориш, да докажуваш, што е квалитетно, што е вредно. Фотографијата е уметност, посебно црно-белата  – вели Томе. 

Таа му е хоби, занает, задоволство. Работел со голем апетит, не да заработи, туку да биде убаво. Многу ретуширал, по цели ноќи седел  и објаснува дека е тоа вистинско мајсторство, кое е многу тешко да се работи. Ретуш е поправка на негатив на сликата. Од вредните фотографии кои се дел од историјата споменува неколку.

Во 1927 година за прв пат во Велес за бракот на моите родители бил употребен автомобил да ја земе невестата од  село Ораовец, таа  имала татко богат трговец  Пано Срмата. На фотографијата се гледа колку велешани тогаш биле модерни, што носеле. Со автомобил моите оделе и на венчавка. Мајка ми Нада го има изедено ќотекот од српските џандари. На верскиот празник  св. Недела  кај истоимената црква се собрале напредните младинци, била и мајка ми да ги слика, ама жандармите разбрале и дошле, овие што имале кружок се разбегале, мајка ми  останала и  била натепана од полицајците а брат ми успеал да го сокрие негативот. Подоцна го развиле и таа е спомен од 1937-ма година, на неа е Панко Брашнар, кој бил другар со татко ми бидејќи се од исто маало и двајцата револуционери. Татко ми не го помнам оти  починал 1933-тата. Тие двајца и друштвото се на Чист понеделник во Башино Село – објаснува Томе Боцев.

Боцеви биле втори во градот кои работеле со фотографија, прв бил  Дамаскин Манушев кој бил најстариот фотограф, па дедото  на Томе Ѓоше Боцев.

На разделба Томе  раскажа една од многуте анегдоти во неговото фотографирање.  Вели дека за вкус и боја другар нема, што се докажало милион пати во неговата професија. Имало многу квалитетни фотографии, но сопствениците не им се допаднале па земале слики кои не се така впечатливи.  Анегдотата е од сликањето на бројните генерации  матуранти. Ја прашал девојката дали сака да биде во  анфас или профил, таа не знаејќи за што станува збор  одговорила во профил. Кога по неколку дена дошла да се   види прво  забележала дека не и се гледа едната страна на лицето, па прашала ,,каде ми е увото,, тогаш  морал да објаснува што е анфас што профил.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »