Петар Печков
Објавено: среда, 27 април 2016
Со трибина во организацијата на резервни офицери на Република Македонија, Велес, се одбележа 15 години од војната во Македонија 2001-2016 година. Трибината се одржа во салата Бели Мугри.
На неа присуствуваа бранители од војната и членови на семејствата на погинатите. Во оваа војна, која претседателот на Организацијата Ѓорги Малковски во говорот ја нарекуваше ,,необјавена,, загинаа шестмина велешани.
Тоа беа: Оливер Китановски, Душко Гочевски, Сашко Манасков, Дејан Богдановски, Александар Стојановски и Ќамуран Шачиров. На нивните блиски им беа доделени благодарници.
Тие беа дел од ,,Велешката бригада, која во текот на седумте месеци воени операции беше распоредена на Рашче, Матка, Карпалак, Кучково, Слупчане, Ваксинце и Танушевци.
Хероите на војната од 2001-ва никогаш нема да ги заборавиме, нивното име ќе остане вечно запишано. Тие ги преминаа портите на историјата и заминаа во вечноста. Слава им - рече Малковски. Во текот на војната загинаа 75 припадници на АРМ и МВР а 226 припадници на АРМ и 175 на МВР се повредени, загинати се и десет цивили и киднапирани се 25 цивили кои се водат како исчезнати. Според извори на ОНА од нивна страна загинати се 120 а ранети се 130 лица.
Tweet |