Петар Печков
Објавено: петок, 28 ноември 2014
Тројца млади велешани добија вкупно 21 години затвор за разбојништво, затоа што со закана од нож ограбија Бензинска пумпа на Штипско џаде. Оливер Трифунов (23 год) и Ѓоре Давчев (26 год) се прогласени за виновни откако го признале делото за кое се товареа, по што добија по 5,5 години затвор, додека Ѓорѓија Саздов ( 25 год) доби 10 години затвор.
За него имаше издвоено судење, оти тој тврдел дека е невин и не учествувал во грабежот. Но токму неговите пријатели осудените Трифунов и Давчев, го тврдеа спротивното дека тој бил надвор од Бензинската и чувал стража.
Според обвинението тие на 29 декември лани од бензинската на „Мак Петрол“ лоцирана на улица Алексо Демниевски на излезот до Велес кон Штип, со закана со нож од вработениот одзеле чанта во која имало 42 359 денари, со цел да си купат нешто за пречекот на Нова година. Осудените имаат обврска да ги вратат парите.
Претходно Трифунов беше осуден исто така за разбојништво, на друга бензинска пумпа, дело кое исто така го признал, па тој има да лежи вкупно 11 години затвор. Судијата им ја одреди најмалата казна затвор на двете лица кои го признаа делото, имајќи ја предвид нивната младост и тоа што досега не сториле друго кривично дело,а сторителите изразиле каење и жалење за разбојништвото.
Tweet |