речник контакт

29 -ти септември Светски ден на срцето

Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смрт на глобално ниво, тие предизвикуваат повеќе смртни случаи отколку сите други причини заедно и ги зафаќа најмногу земјите со низок и среден приход

Петар Печков

Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смрт на глобално ниво, тие предизвикуваат повеќе смртни случаи отколку сите други причини заедно и ги зафаќа најмногу земјите со низок и среден приход. Во рамките на незаразните болести кардиоваскуларните болести заедно со малигните заболувања се причина за речиси три четвртини за смртноста во Европскиот регион. Проценките покажуваат дека најмалку 80% од сите срцеви болести, срцев удар и дијабетес тип 2 може да се спречат.

Секоја година кардиоваскуларните болести се причина за 17,3 милиони случаи на прерана смрт, а до 2030 година, се очекува дека 23.6 милиони луѓе ќе умрат од овие заболувања. Ова се проектирани бројки од Светската здравствена организација (СЗО), при што се очекува КВБ да останат водечка причина за смрт во светот.

Најчести ризик фактори за настанување на кардиоваскуларните заболувања кои се поврзани со однесувањето се употреба на тутун, физичка неактивност, нездрава исхрана и прекумерна употреба на алкохол, што доведуваат до четири клучни метаболни/физиолошки промени: покачен крвен притисок, прекумерна тежина/дебелина, покачено ниво на шеќер во крвта и покачен холестерол. Значителен број од смртните случаи се припишува на пушењето односно на тутунот, кој го зголемува ризикот од смрт од коронарна срцева болест и цереброваскуларна болест 2-3 пати. Ризикот се зголемува со возраста и е поголем кај жените отколку кај мажите.

СОСТОЈБА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

 

Морталитет

Во Република Македонија во 2016 година од болести на циркулаторниот систем починале 10920 лица со стапка на смртност од 526,9 на 100.000 жители, од кои 5369 се мажи, а 5551 се жени. Болестите на циркулаторниот систем учествуваат со 53,5 % во вкупниот морталитет и се на прво место во структурата на причини за смрт.

 

Стапката на морталитет од циркулаторни заболувања во вкупното население во Македонија во периодот 2010-2016 осцилира. Во 2010 година стапката на морталитет изнесувала 538,6, а во 2016 година 526,9 на 100000 население.

 

Според пол, во периодот 2010-2016 година смртноста од циркулаторни заболувања е повисока кај жените во однос на мажите. 

Стапката на смртност од исхемични болести на срцето во периодот 2010-2016 година е повисока кај машката популација, додека стапката на смртност од цереброваскуларни заболувања е повисока кај женската популација.

Поаѓајќи од фактот дека постои можност 80% од срцеви заболувања да се спречат, Република Македонија спроведува мерки врз основа на докази со цел превенција на факторите на ризик како што е употребата на тутун, нездрава исхрана, физичката неактивност и штетната употреба на алкохол, навремено препознавање на КВБ, подобрување во лекувањето на секундарно и терциерно ниво, зајакнувајќи го здравствениот систем со кадар, опрема, реконструкција на стари и изградба на нови болнички капацитети и други мерки. Основната цел е да одговори на сѐ поголемото оптоварување на населението со кардиоваскуларни болести и намалување на инвалидитетот и смртноста од овие заболувања.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »