речник контакт

3,5 милиони транзитни туристи Македонија само ќе ја извозат

Странските туристи кои ќе летуваат во Грција или Турција, во Македонија ќе застанат само да наполнат бензин или да отидат до ве-це. Таква понуда имаме

Петар Печков

Aвтопатот од релацијата Куманово – Гевгелија  во должина од 180 километри транзитните туристи  низ Македонија ги минуваат за три часа. Толку време имаат да ја видат земјава од стаклото на автомобилот или автобусот , бидејќи  туристичка понуда за да ги задржи нема.

Така освен издуваните гасови од превозните средства и сметот кој го оставаат попатно, Македонија нема никаков ќар од милионите туристи кои ја ,,претрчуваат,, земјава  и не оставаат ниту едно евро. Напротив трошиме повеќе за да ги исчистиме остатоците од реката гости, кои само минуваат по автопатот. Понудата за туристите, да потрошат некое евро, а тоа да не биде услуга за санитарен јазол или полнење на гориво, е никаква.

Возачите мора да застанат да купат бензин и тоа е единствената причина поради која тие ќе сопрат некаде. Нема организирана понуда или туристички бироа кој ќе ги привлечат туристите да видат дел до природните богатства или убавини на Македонија, кои се лоцирани во близина на автопатот. За жал така не можеме да очекуваме девизен прилив а касата ќе остане празна – вели туристички работник од  Велес.

Проценките се дека оваа година низ земјава  ќе минат помеѓу 3  до 3,5 милиони транзитни туристи, сите тие да остават по едно евро, за толку ќе се збогати државната  каса. Споредбено лани  Македонија ја посетиле 587.770  туристи од нив 259.204 биле странци, а забележани се вкупно 2 101 606   ноќевања. Во најголем дел автопатот се простира низ Вардарскиот регион. Тој  неодамна од Бирото за регионален развој доби 19 милиони денари за развој на транзитниот туризам.

При подготовка на овој проект дојдовме до сознанија дека годинава низ Македонија ќе транзитираат 3 - 3,5 милиони туристи. Од нив остануваат издувните гасови и отпадот, кој треба сами го решиме. Затоа целта на средствата кои ги добивме е ја збогатиме понудата и утврдиме 12 локации по должина на автопатот каде ќе се постават инфо - точки. Треба да се изработат урбанистички проекти, потоа преку анимирање на приватниот сектор да се изградат тие точки. Целта е да запрат туристите, да погледнат и  останат, пробаат  нешто од македонската туристичка понуда – вели  Александар Бузалков директор на Вардарски плански регион.

Тој објаснува дека подготвуваат билборди, брошури, знаци, за да се приближи понудата до транзитните туристи. Од обилното природно и културно -историско наследство во  Вардарскиот регион, посебно се издвојуваат природниот резерват Тиквешко езеро, споменикот на природата "Демир Капија" и археолошкиот локалитет "Стоби" а  значаен  ресурси за развој е винскиот туризам. Регионот има потенцијал за развивање на планински туризам преку изградба на ски центарот Кожуф.    

Од водените ресурси, застапени се долните теченија на реките: Вардар, Црна река, Брегалница, Бабуна, Тополка, водените - акумулации Тиквеш и Младост  Најголем дел од гостите кои за некоја седмица ќе ја започнат да транзитираат се срби. По визната либерализација тие  масовно ќе тргнат на годишен одмор кон Грција и Турција, но ќе нема каде попатно да  ги остават парите. Новиот српски амбасадор во  Македонија изрази надеж дека ќе се најде начин српските  туристи каде да  се одморат од долгиот пат.

Ако лани минале еден милион туристи до Србија, годинава се очекува тоа да бидат два милиони луѓе. За жал освен бензиски пумпи друга понуда нема. Затоа ќе треба да се поработи туристите да ги видат вашите убавини и богатства – вели Томислав Ѓурин, амбасадор на Србија во Скопје, при неодамнешниот престој во Велес. Освен срби, летово низ земјава традиционални ќе минат и туристи од Унгарија, Словачка, Полска, Чешка кои ќе летуваат на егејскиот брег.

За приближување на туристите  кон Кавадарци, кој е во близина на автопатот Куманово – Гевгелија, општината  ќе ги промовира туристичките потенцијали, со  печатење на брошури за алтернативен туризам  во тиквешкиот регион, како и изработка на видео презентација, туристичка мапа и  поставување патокази на автопатот. Најзначајниот споменик на оваа релација секако е археолошкиот локалитет Стоби, кој од средината на минатата година започна да наплатува и билети. За пет месеци лани него го посетиле три илјади посетители, најголем број странци кои платиле по две евра влезница.

Но за да се дојде до Стоби проблем  е патната сигнализација, вели директорката на оваа културна установа Силвана Блажевска. Слична е состојбата и со приодните патишта до велешкото езеро Младост кое е сместено помеѓу двете сообраќајници на автопатот Македонија- Грција. Поради ова сопствениците на неколкуте угостителски објекти лоцирани покрај брегот апелираат да се обезбеди приод до езерото. Од локалната власт одговорот  е дека за ваква инвестиција потребно во неа да учествуваат и сопствениците, бидејќи тие ќе го соберат ќарот.

Еден од капиталните објекти покрај автопатот беше хотелот Македонија, лоциран во средината од неговата должина и тука најчесто паузираа туристите а кампингот покрај реката Вардар беше идеален за непланиран одмор. Но тој иако со нов сопственик, не работи три години, толку време се реновира. И годинава хотелот нема да биде во можност да ги прими гостите бидејќи работите се уште не се завршени.

Сите овие епизоди во пресрет на почетокот на  туристичката сезона, уште еднаш  покажуваат дека бројните туристи само ќе минат низ Македонија, без да можат да сопрат некаде и остават девизен прилив. Повторно не сме подготвени да ги примамиме странците кои се тука а не знаеме како да ги здржиме – велат туристичките работници.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »