Петар Печков
Објавено: четврток, 24 септември 2026
Бројни ранливи групи добиле помош од волонтерите на Црвениот крст , помош која е должна да ја даде државата и нејзините институции. И затоа времето поминато во вакви активности не е загубено и пропуштено, туку богатство со кое секој волонтер треба да се гордее, беше кажано на трибината за 30 години за кативноста на промоција на хумани вредности (ПХВ), одржана во Велес. Повеќе од илјада волонтери од Велес, овие три децении со преку стотина проекти помогнале на исто толку ранливи категории граѓани. Деца на 15 години работат,создаваат проекти со кои помагаат на лица, семејства, заедницата, на кои возрасните не се сетиле.
„Ова што вие го работите, а и ние пред 10-15 години, е обврска на државата и општеството. Ако немате претстава што сте направиле, замислите, што би било кога тоа што го сработивте не би постоело. За жал сите институциите не се погрижиле за овие целни групи, туку вие млади, со вашето слободно време, со вашите аткивности, со вашиот ентузијазам, сте завршиле работа која требало да ја направат возрасните. Затоа бидете горди сами на себе и на вашите дела“ – рече Пенчо Андреевски, поранешен активист волонтер на Општинската организација на Црвен крст Велес. Кажа дека организацијата и дружењето го изградиле многу повеќе од било кое формално образование кое го има а добиеното искуство му помогнало да стане личност каква што е сега.
На трибината разни соговорници се потсетија на нивните проекти кои ги реализирале за различни пред се ранливи групи во велешко, на кои им требало помош а преку инвентивни проекти младите волонтери на Црвен крст, собрале средства и помогнале.
„Јас сум мајка на лице со аутизам, кое како и другите нему слични се подзаборавени во општеството. Искрено ми беше голема чест што некој помисли на него и воопшто на лицата со посебни потреби, дека некој сака да направи нешто за нив. Волонтерите помогнаа многу, максимално се дадоа во дуружењето со мојот син, имаа голема емпатија и љубов, во сите ситуации и сите потреби“ – кажа Амела Аризотова мајка корисник на ПХВ проект.
Годинава волонерите на ОО Црвен крст Велес работеле на пет проекти во ПХВ. Еден бил за опремување на детска соба за три деца на семејство кому му изгоре куќата. Вториот проект бил интеркултурен меѓу млади од различни вери. Трета реновирала простор каде младите волонтери се дружат и престојуваат. Четврта издала книга за лица со оштетен вид. Петиот проект бил еколошки, поставување урбана опрема пред просториите на Црвениот крст Велес.
„Младите се вложуваат себе, своето време за да му помогнат некому, без за тоа да добијат некаков надомест, материјален, финансиски. Можеби не можеме да го промениме целиот свет, но затоа можеме малку да го подобриме светот на еден човек “- кажа Марија Матева, волонтер.
„За овие три децении се сменија многу генерации, времеиња, волонтери и околности. Но едно остана исто, желбата да се вклучат и работат нешто корисно за други. Би сакала да им се заблагодарам на сите кои низ годините работеле, на волонтерите, десиминаторите, сите кои верувале во младите и им овозможиле нивните идеи да добијат простор“- рече д-р Кевица Шопова Клифова претседател на ОО Црвен крст Велес.
Оваа седмица од 21 до 27 септември е Недела на промоција на хумани вредности.
| Tweet |





