Петар Печков
Објавено: сабота, 21 април 2012
Светските автомобилски компании, вклучувајќи ги и трите великани од Детроит „Џенерал моторс“ (ГМ), „Форд“ и „Крајслер“ ќе претстават премиерно над 30 модели на Меѓународниот саем за автомобили во Њујорк оваа недела.
Меѓу новитетите се наоѓа долго најавуваниот спортски автомобил „СРТ Вајпер“, новиот седан „Линколн МКЗ“ и моделот „Шевролет Импала“, истакнуваат експертите.
Организаторите на смотрата очекуваат над милион посетители, илјадници новинари специјалисти за автоиндустријата и претставници на автоиндустријата во њујоршкиот изложбен центар „Џејкоб К. Џавитс“, пишува „Детроит Њуз“.
Претседателот на здружението на њујоршките дилери на автомобили Марк Шинберг изјави дека посетителите ќе можат да видат 30 светски премиери и околу 60 нови или изменети модели.
Американскиот најголем производител на возила ГМ ќе има пет претставувања, вклучувајќи ја и премиерата на комплетно новиот модел за 2014 година „Шевролет Импала“, како и новиот ГМЦ „Терен Динејли“, обновениот „Шевролет Траверс“, „Бјуик Инклејв“ и „Кадилак СРХ“.
„Форд“ ќе го покаже моделот за 2013 година „форд експлорер спорт“. Неговиот бренд „Линколн“ ќе ја претстави новата произведена верзија МКЗ, со нов стаклен кров. „Форд Експлорер“ е опремен со мотор од 350 коњски сили со зафатнина од 3,5 литри и има структурно унапредена шасија со што е подобрена динамиката и спортскиот дизајн на возилото.
Групата „Крајслер“ ќе го покаже новото возило произведено во Детроит „СРТ Вајпер“ и унапредениот пик-ап „Рам 1500“, додека јапонската „Тојота“ ќе дојде со концепт на возило за кое многумина веруваат дека ќе биде следна генерација на „Авалон“.
Портпаролот на ГМ Пат Морисеј изјави дека овогодишниот саем во Њујорк ќе биде поголем од претходните, како знак на заживување на автоиндустријата и продажбата. Компанијата ќе покаже нови производи на сите свои четири брендови, на еден од најголемите пазари во светот, рече Морисеј.
Тој потенцира дека Њујорк е огромен пазар за автомобили и дека нуди големи можности за компаниите да покажат се што имаат добро, сите свои најнови производи.
Аналитичарите велат дека едно од најважните лансирања ќе биде комплетно новиот „Нисан Алтима“. Моделот „Алтима“ беше второ најпродавано возило на американскиот пазар минатата година, зад автомобилот „Камри“ на „Тојота“. Во 2011 година „Нисан“ продаде околу 269.000 „Алтима“ возила, 17,2 отсто повеќе од претходната година, според податоците на корпорацијата „Аутодата“.
Дејв Саливан, аналитичар на „Ауто-Пацифик“ смета дека новата „алтима“ ќе има најмала потрошувачка на гориво во тој сегмент и дека ќе ги надмине најдобрите мотори кои ги имаат возилата на ГМ и „Форд“. Тој додаде дека „Алтима“ ќе понуди енергетска ефикасност споредлива со таа која ја имаат помалите компактни автомобили „Верса“.
„Порше“ стигнува со дизел моделот „Каен“, додека „Хјундаи“ ќе го претстави познатото спортско-теренско возило „Санта Фе“, но целосно нов модел за 2013 година.
Корпорацијата „Субару“ ќе го претстави обновениот „Легаси“ кој ќе поминува 32 милји по галон гориво, што е најдобро за седани со средна големина на четири тркала. Луксузниот бренд „Инфинити“ ќе го претстави новото електрично возило, а „Фискер“ новиот електричен седан „Фискер Нина“.
Аналитичарот од агенцијата „ИХС Аутомотив“ Арон Брегман потсетува дека саемот во Њујорк порано бил смотра главно на луксузни возила, но дека производителите сега го користат последното големо северно-американско шоу оваа сезона, за да покажат модели кои влегуваат во производство. Тој смета дека новиот пик-ап „Рам 1500“ ќе биде значајно откритие, како и „СРТ Вајпер“.
Германскиот БМВ ќе го лансира новиот М6 кабриолет и спортско-теренското возило Х1, а стоковата марка „Лексус“ на „Тојота“ доаѓа со шеста генерација на комплетно новиот луксузен седан ЕС. „Мерцедес-Бенц“ доаѓа со новите „ГЛК класа“, „ГЛ класа“ и кабриолетот „СЛ 65 АМГ“.
текстот е преземен од Независне новине - Бања Лука
Tweet |