Петар Печков
Објавено: вторник, 29 мај 2018
Изминатиов викенд по 4-ти пат се одржа Outdoor Festival АЗОТ 2018 мтб Предизвик, во организација на ЗГ Велес Бајкинг. Централни активности како и изминатите години беа двете патеки за планински велосипедизам, а од оваа година настанот се прошири во Outdoor Festival со активностите планинарење, планинско трчање и алпинизам.
Централно место на сите случувања беше кампот во дворот на ОУ „Петар Поп Арсов“ во Богомила на 497мнв. Околу 300 учесници присуствуваа во Богомила овој викенд, на дводневната агенда на активности.
Главното мото на сите овие настани е позитивната енергија која ние како велосипедисти треба да ја предадеме на сите околу нас во ова лудо време. Да, ние и тоа сме го правеле секаде , го направивме на #АЗОТ2018мтбПредизвик и ќе го правиме понатаму- изјави Зоран Јаневски организтор на настанот.
Саботата наутро велосипедистите го возеа малиот маратон во придружба на амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш кој беше воодушевен од природните убавини на овој регион. Попладнето 40-на велосипедисти го посетија селото Бистрица и манастирот „Св.Петар и Павле“ и тамошниот етно музеј.
Несекојдневен настан беше Украинската вечера, огранизирана од заменик амбасадорот на Р.Украина Ростислав Палагусунец, кој заедно со неговите пријатели присутни во Богомила се големи љубители на планинскиот велосипедизам и уживаа во убавините на АЗОТ. Во кампот имаше организирано следење на ракометниот натпревар на Макеодонскиот првак Вардар во полуфиналето на ракометниот Final Four, а вечерта се гледаше и финалето во лигата на шампионите. Некаде кај 22:00 свој настап имаа и лудите рокери „EPIDEMY“ од Кавадарци кој буквално го дигна на нозе цел регион.
Главниот настан во планински велосипедизам беше на 27 мај, во неделата со старт на големиот маратон во должина од 53,5 км. и малиот маратон од 34,5 км. Највисоката точка каде поминуваат велосипедистите беше 1435 м.н.в., на 1км од пл.дом Чеплес.
Патеките се возеа низ еден од најубавите предели во Македонија, а поминуваат низ Нежилово, Црешнево, Капиново и Папрадиште како и планинарскиот дом Чеплес. Во најголем дел се возеше низ шумски предел со преубави погледи кон врвот Солунска глава, низ неколку мали или поголеми водопади каде природата ја покажува својата убавина а чистиот воздух го имаше во неограничени количини.
Покрај велосипедистите, десетина планинари пешачеа низ АЗОТ на релација Богомила-Капиново-Црешнево-Богомила во должина од 14,8км. Исто така свој настап имаа и планинските тркачи од „TREX“ од Скопје кои имаа дводневна агенда. Првиод ден тие трчаа од Ореше до врвот Солунска глава и како крајна точка до Нежилово, а вториот ден трчаа на релација Богомила-Мокрени-Богомила.
Поради лошите временски услови кај месноста викана „Нежилови Карпи“, Македонската Алпинистичката Федерација го откажа својот настан, со најава за следната година. Outdoor Festival АЗОТ 2018 мтб Предизвик беше посетен преку 300 вљубеници на вакви настани од цела Макдеонија, а имаше гости од Словачка, Украина, Бугарија и САД државјани со привремен престој во Македонија.
Фестивалот заврши со позитивни впечатоци од сите учесници, на големо задоволство на мештаните на Богомила и регионот. Организаторот ЗГ Велес Бајкинг за следното јубилејно 5-то издание на фестивалот, најавува спектакуларна и интересна програма со нови изненадувања.
Tweet |