Петар Печков
Објавено: среда, 20 ноември 2024
Попладнево во Основен суд Скопје 1 се изречени пресудите, во случајот со 12 члена група од Велес, за сексуална злоупотреба и изготвување на порнографски материјал со дете-жртва. Сите 12 лица се прогласени за виновни и изречени им се затворски казни, освен во еден случај, условна.
Во јануари годинава, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го објави случајот, во кој првоосомничениот, 25-годишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закани над детето-жртва, им овозможил на останатите осомничени и на други непознати лица да вршат полови дејствија со жртвата.
Овие дејствија вклучувале сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија. Според обвинителството, првоосомничениот преку апликацијата Instagram остварил комуникација со девојче и ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал, кој потоа го користел како закана за да ја присили жртвата да доаѓа на други средби.
Пет лица се обвинети за трговија со дете, шест лица се за полов напад и силување, додека пак едно лице е за снимање порнографија.
1. Првообвинетиот Стефан Димовски доби казна затвор од пет години и шест месеци.
2. Дејан Спасиќ кој има малолетно дете, судот го осуди на четири години и шест месеци.
3. Димитар Наков кој има 27 години судот го осудува на четири години и шест месеци.
4. Тино Илиевски кој има 24 години судот го осудува на четири години затвор.
5. Савен Неделковски кој има 26 години го осудува судот на четири години.
6. Александар Филиповски кој има 24 години го осудува судот на 1 година и шест месеци.
7. Бојан Филиповски кој има 27 години судот го осудува на една година и шест месеци.
8. Антонио Зогравски кој има 27 години судот го осудува на една година и шест месеци.
9. Трајче Лазов кој има 28 години, судот го осудува на затвор од една година и шест месеци.
10. Ристо Вељанов кој има 22 години, судот го осудува на една година и шест месеци.
11. Кристијан Дончев судот го осудува 1 година и три месеци.
12. Борче Коцев кој има 32 години, судот го осудува на условна казна
Забавите се случувале во станови на повеќе локации во Велес, каде присуствувале повеќемина кои прво конзумирале дрога и алкохол, а потоа вршеле полови дејствија врз детето. Обвинение беше поднесено против 15 лица. Две претходно се изјаснија за ивновни, признаа вина се спогодија со обвинителството и добија условни затворски казни. Претседателот на судскиот совет кој ја изрече казната, судијката Даниела Димовска кажа:
„Наместо портокаловата боја која треба да е симбол на љубов и разбирање во случајов е боја на портокаловата чинија која полна со неограничени количини на кокаин стоела на маса пред младите. Треба да се запрашаме дали тие имаат контрола, дали знаеме каде се движат малолетните, дали кокаинот е единственото нешто што ги прави среќни, дали родителите знаат што се случува со нивните деца и дали тие можат да создаваат здрави врски кои ќе градата здрави фамилии? Ова се прашања за цело општество“, рече судијката Димовска.
Судот за првите петмина обвинети одреди домашен притвор. Изречената пресуда не е правосилна, обвинетите и обвинителството имаат право на жалба.
Tweet |