Петар Печков
Објавено: сабота, 03 јули 2010
Свети Наум e запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. За животот и дејноста на Свети Наум Охридски малку се знае, иако со Свети Климент Охридски се најпознатите и најзначајни ученици на Светите браќа Кирил и Методиј.
Се знае дека учествувал во Моравската мисија, дека во Рим кон крајот на 867 или почетокот на 868 бил посветен во духовен сан и дека по смртта на Методиј во 885 година преку Бугарија дошол во Македонија. На брегот на Охридското езеро основал манастир што го носи неговото име. Умрел во 910 година и наскоро по смртта бил прогласен за светец. Неговите ученици за него напишале житија и служба.
Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средновековен писател и културен деец. Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за апостолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.
Во житието на Свети Наум се вели дека тој е брат на Свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла - собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.
Според Цепенков, односно според народното паметење свети Наум бил „да лекуат улаите“.
Манастирот најповеќе се афирмирал како лечилиште со исцелување болни од многу болести, посебно од душевни болести. За тоа придонесло верувањето во исцелителната моќ на светите мошти на светителот. Има поголем број преданија што раскажуваат за лечење душевно болни од страна на светителот. Познато е и тоа дека во манастирот долго време постоела и душевна болница.
Значи, култот кон свети Наум, раширен не само околу манастирот, туку и на многу поширок простор, резултирал со бројни народни преданија и легенди. Тие се создавале во текот на вековите и сеуште се создаваат што од една страна зборува за сеуште живиот култ на светителот, а од друга страна за сеуште живата фолклорна традиција во Македонија.
Tweet |