речник контакт

60 години матура! Честитки

365 дена х 60 години се 21900 дена. Да се брои е тешко а треба да се живеат. Честитки за овој редок јубилеј и многу здравје.

Петар Печков

Шеесет годни од матурата и четири години од школувањето беа прераскажани во четирите часа дружење на матурантите од велешката Гимназија Кочо Рацин а поводот беше токму оваа ретка годишнина.

 Втората повоена генерација од најстарата македонска гимназија повторно се сретнаа овој пат со редок јубилеј, поголем од златните 50 години, овој пат одбележување на шесте децении од завршувањето на образувањето.

Тие средното училиште го завршиле во 1950-тата година, биле 35 ученици во завршниот  еден клас, иако започнале три класа, но потоа се ретчеле, како годините минувале. На дружењето дојдоа половината. Никој не прашуваше за здравјето, доволно беше да се каже датумот и местото, за сите што можат да дојдат, повеќето од Скопје помал дел до Велес. Такви биле нивните животните патишта,  ги разделила, за со овој повод повторно ги спои.

Бевме хомогена генерација и оваа средба претставува потреба за нас, нејзини зависници сме. Со задоволство можеме да кажеме дека бевме локомотива на животот во градот, во текот на нашето средношколско живеење. Немаше настан на кој ние не присуствуваме. Почнувајќи од работните акции и обновата на разрушениот Велес, па до неговата преродба, било да е тоа спортот, културата, забавата – вели Грозда Данова една од петнаесете живи соученици кои сеуште се собираат.

Таа учела заедно со нејзината сестра близначка Милка,  и другарките Олга Копанданова, Светлана Цуракова, Марика Величкова, Олга Ѓоргова и  сите се присетуваат преку анегдоти и спомени кои им е случувале во младоста. Тие се првата генерација која  во 1950-тата започнала со одбележување на матурата, во време кога со купони во земјата се делела храната.

Како и денес, и тогаш ние сакавме да ја одбележиме матурата, како најважен чин во животот. Но како во таква сиромаштија, кога немаше месо, па затоа на оригинален начин дојдовме до месо за закуска. Бркавме дива коза да ја фатиме и прославиме матура, ова е жива вистина – вели Грозда.

Таа и останатите  сега објаснуваат дека се срамуваат од овој настан,  но кој со задоволство  по толку години го прераскажуваат за да ја илустрираат љубовта како  да ја одбележат матурата. Задоволни се што во целата тогашна состојба, израснале во  образовани и воспитани луѓе, кои потоа тоа го пренесувале на некои други деца.

Треба да се знае дека од прво одделение до завршувањето учевме на три јазика, прво српски, па бугарски за да средното училиште го завршиме на мајчин македонски јазик.  Ние сме генерација која се школуваше на три јазика. Во трета и четврта година, македонски ни предаваше и Ѓорѓи Милошев, кој  подоцна стана Поглавар на МПЦ, Владиката Гаврил. Тој беше прекрасен човек и професор кој во тие тешки времиња ни го пренесе знаењето  за мајчиниот јазик – вели Марика Величкова, сега Новакова.

Од класот  четворица партнери подоцна стапиле во брак, Светлана Цуракова со Васил Најдов и  Трипчеви, Никола и Драгица Мицева. Се гордеат  со Драган Николов Ганди кој подоцна станал градоначалник на Велес, докторот Љубе Кирков, сликарот Томо Босилков. Неколкуте часа дружење се премалку за да се потсетат за убавите мигови од заедничкиот живот.

На разделба си посакуваат добро здравје и желба до година повторно да се соберат заедно. И  под око погледнуваат на другите маси во ресторанот, каде славеа некои нови  помлади матуранти и дали  стркаланата капка од окото е солза жал за младоста и само раска од ветерот кој ги носи спомените.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »