Петар Печков
Објавено: петок, 16 јуни 2023
Бројни потомци од семејствата на 12 стрелани, посетители и гости положија цвеќе на 12 нови спомен бисти на 12 стрелани младинци од селото Ваташа. Месноста Моклиште која на денешен ден пред 80 години била полеана со крвта на овие млади, денес беше полна со живот. Но тагата по толку години останува. Сеќавањата со годините не бледнеат, тие се пренесуваат од колено на колено.
„Мојата баба, мајката на Пане Пане Мешков цел живот го мина во црнина. Таа беше жива долги години потоа, но во немаше живот во неа. Таа тежина ја мина со неа, цел живот. И тако ми Кочо Мешков загина како партизан. Денешниот ден ми предизвика многу емоции, сеќавања на баба ми. Таа посебно беше тажна кога ќе ја слушнеше песната за Ваташа, оваа што денес, кога ја испеаја Кате и Адријана, сите не возбуди, вознемири“ - кажа Александра Барбаровска.
Спомен бистите се дела на кавадаречките уметници Кирил Мукаетов и Димитар Самарџиев, додека на ново отворената спомен собата во Моклиште, каде се предмети, фотографии и документи од стреланите момчиња е Весела Чекорова.
„Ние сме христијански народ, знаеме да простуваме. Извинувањето и поклонувањето пред овие бисти и споменик, треба да дојде од наследникот на бугарскиот окупатор, кој го сторил овој масакр“ - рече Митко Јанчев градоначалник на Велес.
На свеченоста присуства претставници на кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски а министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која порача дека и по осум децении болката не бледнее.
„И после 80 години од овој грозоморен чин, убиството на 12 млади ваташки деца, и денес болката и споменот се поприсутни. Наша должност е овој чин кој пред осум децении го сторила тогашната бугарска фашистичка Влада да не се случи. Да оддадеме почит на стреланите, на семејствата на нивните блиски“ - кажа Костадиновска Стојчевска.
"Младинците се изрешетани од куршуми од митралези, па потоа се избодени со бајонети. На некои им се исечени рацете и извадени очите и притоа сите биле ограбени“ пишува во извештајот на ГШ на НОВ, од септември 1943.
Стрелањето на 12 младинци во Ваташа се случило на 16 јуни 1943 во месноста Моклиште, во близина на Ваташа. Стрелањето го извршила бугарската војска и полициски одреди на капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов, полицискиот инспектор Димитар Раев, подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56 Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. По две години Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов, подофицер Петко Опреков и полицискиот инспектор Димитар Раев . Сите се осудени на смрт и стрелани.
Еден од обвинетите, полковник Апостолов, подоцна осуден и стрелан, при судењето раскажал за улогата во настанот на четворица ваташанци- предавници, тројца мажи и една жена.
Tweet |