Петар Печков
Објавено: четврток, 28 август 2014
Градската општа болница "8-ми Септември" е најуспешна здравствена установа за минатата година, според податоците за сработеното од системот за дијагностички сродни групи - ДСГ.
Бранко Аџигогов, портпарол на Фондот за здравствено осигурување, вели дека оваа болница е најдобра во три од петте најбитни категории, односно според степенот на сложеност на укажани здравствени услуги, најголем број извршени хируршки интервенции и вкупен број лекувани пациенти.
Сакаме јавно да ја пофалиме ГОБ '8-ми Септември' како најуспешна болница за 2013 година. Ова признание, се надеваме, ќе придонесе уште поуспешно да ја заврши оваа година, а наедно ќе ги поттикне и другите болници да го унапредат нивното работење", рече Аџигогов.
Лани во 54 јавни и во пет приватни болници биле хоспитализирани 223.439 пациенти, што е за 6,24 насто повеќе од 2012 година. Зголемен е и бројот на болнички денови за 3,8 насто, со тоа што пациентите повеќе се третираат во општите болници, а помалку се упатуваат на клиниките. Најмногу лекувани акутни болни има во здравствените установи во Скопје каде што имало 102.507 пациенти или 45,8 отсто од вкупниот број пациенти.
"Од општите болници ја издвојуваме ГОБ '8-ми Септември' со 10.643 болничко лекувани пациенти во 2013 година, а за споредба, во 2010 година биле лекувани само 5.700 пациенти", рече Аџигогов.
Анализата за типот на нега која ја даваат болниците, покажала дека во општите болници или има малку или воопшто нема хируршки интервенции, освен во ГОБ"8-ми Септември" каде што 47 отсто од пациентите се оперирани.
"Ако се собере бројот на хируршките интервенции извршени во '8-ми Септември', Гинекологија 'Чаир', 'Филип Втори', 'Аџибадем Систина', 'Систина офталмологија', Европска очна болница и Универзитетските клиники, 61,7 отсто од сите хируршки интервенции се изведуваат во Скопје", вели Аџигогов.
Tweet |