Петар Печков
Објавено: петок, 27 декември 2013
„Благој Ѓорев“ одбележа 90 години постоење. Оваа македонска компанија е најстар капацитет за производство на масло за јадење во земјава, додека на Балканот влегува во составот на трите најголеми индустриски капацитети за производство на масло за јадење. Својата успешна бизнис-приказна компанијата почнува да ја испишува далечната 1923 година, кога се формира „Благој Ѓорев“ АД од Велес, како фабрика за масло.
Фабриката низ годините континуирано се проширува и технолошки се усовршува, а денес располага со единствен капацитет во Македонија за складирање, чување и преработка на маслодајни семиња. Во 1999 година, „Благој Ѓорев“ се трансформира во прехранбена индустрија поради широкиот асортиман на прехранбени производи во сопствено производство.
„Со задоволство можеме да кажеме дека веќе 90 години производите на ’Благој Ѓорев‘ се дел од речиси секое македонско домаќинство. Маслото за јадење ’кристал‘ и маргаринот во коцка, несомнено, се производите по кои сме најмногу препознатливи, но и другите наши производи полека го наоѓаат патот до срцата на потрошувачите. Производството на здрави и квалитетни производи од домашни суровини е наш императив и нашата главна предност, токму тоа ни овозможи сиве овие години да го задржиме високото место на пазарот и довербата на нашите потрошувачи, која се пренесува од генерација на генерација. И понатаму ќе вложуваме во развој на нови производи и освојување нови пазари, континуирано унапредување на процесот на производство, како и подобрување на квалитетот на нашите производи, за ’Благој Ѓорев‘ да остане синоним за квалитет и долгогодишна традиција, домашен бренд со препознатлив имиџ, кој потрошувачите го преферираат и го сакаат“, велат од „Благој Ѓорев“.
Оваа година компанијата прославува уште еден значаен јубилеј, 45 години откако се произведува маргаринот во коцка – „кристал“. Од овој производ се произведуваат над 1.700 тони годишно. „Благој Ѓорев“ ја освои наградата „Супербренд“ за 2013/2014 година, која го потврдува значењето и силината на брендот „Кристал“ во својата индустрија.
Tweet |