речник контакт

Cе обновуваат спомен куќите на Петар Поп Арсов и Коле Неделковски

Повеќе од две децении откако постојат, овие две куќи примале гости па годините и времето влијаеле врз нивната состојба

Петар Печков

Спомен куќите на Петар Поп Арсов и Коле Неделковски ќе се обновуваат со државни пари. Министерството за култура одвоило средства за санација на овие два објекти, кои од формирањето досега не е интервенирано. Повеќе од две децении откако постојат, овие две куќи  примале гости  па годините  и времето влијаеле врз нивната состојба.  

И двата објекти се стари по стотина години и се значајни како градба и архитектура поради што се заштитени од државата. Првата куќа била своевремено училиште каде се школувал поетот Коле Неделковски ( 1912-1941) и се наоѓа во село Војница, бидејќи неговата родна куќа одамна е срушена. Другата куќа која ќе се обновува е таа во која  се родил  и живеел револуционерот и еден од основачите на Македонската Револуционерна Организација   Петар Поп Арсов ( 1868- 1941) во селото Богомила.

Добивме средства со кој ќе ги реновираме двете куќи но и ќе  обновиме дел од поставката во нив. Посебно лоша е состојбата на спомен куќата на Коле Неделковски, на која е сериозно оштетен кровот и скалилата кои водат до неа, поради што постои опасност од нејзино рушење и по безбедноста за посетителите. Ова е важно да се стори и заради зачувување на музејската постапка која е внатре и може да се оштети.  Куќата на Петар Поп Арсов поради пукање на водоводната инсталација зимава е оштетена во една од просториите. Затоа е потребна интервенција во објектот. Истовремено ќе се уреди и постојната поставка на двата лика - рече Павлина Василевска виш Кустос во велешкиот народен Музеј.

Поставката на Коле Неделковски е отворена во 1982-тата година додека таа на Петар Поп Арсов во 1986-тата година. И двете куќи се посетени од одредена популација од цела Македонија, таа на поетот од ученици, додека на Поп Арсов од пензионери. Од куќата на Петар Поп Арсов во средината на 90-тите биле украдени библијата, пиштол и нож, кои сега ќе бидат заменети со нови. И двете куќи ќе се обновуваат летово, откако претходно ќе завршат тендерските постапки и би требало да бидат готови на почетокот од септември. За заокружување на финансиската конструкција од Народниот музеј ќе побараа финансиска помош и од општина Чашка, бидејќи и двете спомен куќи се наоѓаат на нивна територија.

 Кога почина Коле Неделковски?

Во сите македонски документи се води дека поетот Коле Неделковски загина на 2-ри септември во Софија кога  за да не биде жив фатен од бугарската полиција, се фрлил од петтиот кат на мансардата каде живеел. Според бугарските документи тоа е ден порано, на 1-ви септември. Истите се поставени во спомен собата на Неделковски во велешкото село Војница, каде може да се прочита факсимил од бугарски весник од 2-ри септември каде пишува  дека ден претходно се самоубил Неделковски.  Истиот датум е на спомен плочата поставена  пред куќата во Софија  од  каде Неделковски се фрлил, дека тоа е случило  на 1-ви септември 1941 години.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »