Петар Печков
Објавено: петок, 11 декември 2015
Еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес, е добитник на наградата за човекови права за 2015 година што ја доделува Амбасадата на Франција по повод Меѓународниот ден на човекови права.
Амбасадорката на Франција Лоренс Оер синоќа на свеченоста во француската резиденција по повод врачувањето на наградата истакна дека годинава ја доделуваат на здружение кое работи на унапредување и заштита на човековото право на здрава животна средина и здраво опкружување, како едно суштинско право, за кое што преговорите се сеуште се во тек во Париз на Конференцијата на ОН за климатски промени.
„Вила Зора“, додаде таа, е избрана заради улогата која здружението ја остварува во Велес веќе 16 години како во однос на научниот пристап кој го има, така и во однос на информирање на граѓаните за здравстевниот аспект и последиците од загадувањето на почвата, но и како охрабрување да продолжат со нивната важна работа.
Обврска на сите држави е да понудат здраво опкружување и здрава животна средина за сите и за да се постигне тоа донесени се голем број меѓународни конвенции и национални закони. За да го уживаме тоа право кое постои само 20, односно 30 години, потребна е вистинска мобилизација на сите граѓани, но, исто така и на сите медиуми, кои ќе можат да известуваат за она што го правиме од областа на животната средина, како и да покажат која е врската меѓу животната средина и правото, рече Оер.
Претседателот на „Вила Зора“ Ненад Коциќ заблагодарувајќи се за наградата истакна дека таа ќе придонесе поревносно да се ангажираат во борбата со справувањето на последиците од загадувањето од Топилницата, особено на прочистување на почвата од тешки метали со цел подобрување на квалитетот на животот на Велешани.
Активностите заедно со нашите партнери може да се прошират и во другите загадени региони во државата така што се надевам дека заеднички ќе се избориме за поздрава животна средина и храна, рече Коциќ.
„Вила Зора“ врши обуки, предавања во училиштата и разговори со соодветни експерти од областа на здравјето и екологијата на конкретни теми во врска со заштитата на животната средина. Здружението исто така работи на промовирање на одржливиот развој, со цел да се подобри квалитетот на условите за живот.
Амбасадата на Франција во Скопје Наградата за човекови права по повод Меѓународниот ден на човековите права, ја воспостави во 2013 година. Универзалната декларација за правата на човекот и граѓанинот беше усвоена од земјите-членки на Обединетите Нации на 10 декември 1948 година во Париз.
Tweet |