речник контакт

Tопењето на мразот на Антарктикот и на Гренланд е се побрзо и поголемо

До 2050 година нивото на морето ќе порасне за 32 сантиметри, од кои 15 сантиметри ќе бидат условени од топењето на замрзнатите плочи на Гренланд и Антарктик, ако тие продолжат да се топат со сегашното темпо, резултати се од 20 годишното сателитско мерење

Петар Печков

Истражувањата покажуваат дека замрзнатите плочи на Гренланд и Антарктик ја губат својата маса со забрзано темпо и сугерираат дека топењето на замрзнатите плочи станува главен фактор за раст на нивото на морињата, многу порано од предвиденото, пренесува .

Се работи за американска студија која до сега најдолго ги следи настаните на поларните замрзнати плочи: речиси 20 години со секојдневни сателитски мерења со регионалните климатски модели.

Сликата која се создава е целосно јасна, вели главниот автор на студијата Ерик Ригнот: „Тоа што го гледаме и на Антарктикот и на Гренланд е зголемување на масата на мразот која се губи во морето: секоја година се зголемува масата на стопениот мраз“.

Авторите исто така велат дека губењето на мразот од плочите кои прекриваат огромни подрачја на копното се случува три пати побрзо од помалите замрзнати врвови на планинските глечери.

Ригнот, глациолог од Универзитетот на Калифорнија и навигациската лабораторија ЈПЛ на НАСА, вели дека тоа не е неочекувано: „Сега од прилика се еднакви, но ако продолжи истиот тренд во планинските глечери и во замзрнатите плочи, тогаш плочите ќе станат доминантен фактор во покачување на нивото на морињата. Тоа не е зачудувачки, бидејќи тие содржат многу повеќе мраз, значи имаат и многу поголем потенцијал за зголемување на нивото на морињата“.

До 2050 година нивото на морињата ќе порасне за 32 сантиметри, од кои 15 сантиметри ќе бидат условени од топењето на замрзнатите плочи на Гренланд и Антарктик, ако тие продолжат да се топат со сегашното темпо, покажуваат резултатите од 20 годишното сателитско мерење.

Ригнот вели дека тоа е повеќе од предвидувањата на Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатските промени, како и дека улогата на замрзнатите плочи не е секундарна во идното покачување на нивото на морињата.

Тој оценува дека студијата докажува дека глобалното затоплување е реалност и голема причина за загриженост, посебно за жителите на бреговите, бидејќи им остава малку време за реагирање на покачувањето на нивото на морињата.

Научникот истакнува дека потоплите океани, исто така можат да го забрзаат топењето на половите, бидејќи на места каде океанот се стоплува, мразот на рабовите побрзо се топи и глечерите се топат во морињата.

Ригнот порачува дека е важно да се продолжи со набљудување на замрзнатите плочи и ги користат тие податоци заедно со тие кои се забележани во подолг временски период во создавање на модел кој подобро ќе го прогнозира топењето на замрзнатите плочи во векот што доаѓа.

Студијата е објавена во списанието Џиофизикал Рисерч Летерс издадено овој месец.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »