речник контакт

Ѓорѓиева, Настовски и Тевчева, најдобри просветни работници за 2021-ва (фото)

Признаниај добија и најдобрите ученици, Стојков, Димовски и Бошкова

Петар Печков

Најдобар наставник  во одделенска настава годинава во Велес  е избрана Лидија Ѓорѓиева од ОУ „Св. Кирил и Методиј“, најдобар наставник во предметна настава е   Илија Настовски, наставник по пијано во Основното музичко училиште  „Стефан Гајдов“ а  за најдобар наставник во средните општински училишта беше прогласена Драгана Тевчева, наставник по физика во „Гимназија Кочо Рацин“. Ова се признанијата кои Општина Велес им ги додели на просветните работници, за нивната посветеност во создавањето на учениците во образовани граѓани. Од името на наградените наставници се обрати наставничката Лидија Ѓорѓиева.

„Ја градиме н самодовербата на учениците, се грижиме за нивната благосостојба, ги учиме и поучуваме меѓусебно да се почитуваат, взаемно да се вреднуваат, да бидат толерантни, трудољубиви, упорни, истрајни и успешни граѓани“-кажа Ѓорѓиева.

За прв пат годинава, градоначалникот Аце Коцевски додели признание за посебен придонес во  образованието преку волонтеризмот. Тоа  отиде кај  Трајче Станковски, одделенски наставник во ОУ „Васил Главинов“.

Признанија имаше и за највредните ученици, кои покажуваат висок степен на знаење. Наградата најдобар ученик во средно образование ја добија  Игор Стојков, ученик во четврта година од Економското  „Јовче Тесличков“ и Бојан Димовски, ученик во четврта година во „Коле Неделковски“.

За најталентирана ученичка од основно образование за 2021 година,беше  прогласена Ана Бошкова ученика во деветто одделение  во ОУ „Блаже Конески“.
Настанот беше во рамките на одбележувањето на 24 мај, Денот  на Сесловенските просветители,  браќата СВ. Кирил и Методиј.

„Овој значаен датум, претставува наш потсетник за суштинската и историска улога која ја имаат првите учители. Со својата благородна мисија, солунските браќа се едни од најзаслужните за нашето културно, етничко но и духовно постоење како народ и нација. Тие се браќата што веруваа во правото на секој народ да го користи својот јазик“, истакна Коцевски.

Свеченоста по една година пауза, лани поради ковид пандемија не се  случи, се одржа на отворено во паркот пред зградата на локалната власт.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »