речник контакт

ЈКП Дервен го исплати кредитот кон ЕБОР

Велес е единствена општина која не остави никаков долг зад себе по подигнатиот кредит во висона од 2,8 милиони евра

Петар Печков

Изминатиот период ЈКП Дервен ја исплати последната 22-ра рата од кредитот кон Европската Банка и развој, кој беше подигнат 2000-тата година. Тој беше во висина  од 3,5 милиони евра  а ЈКП Дервен искористи помалку 2,85 милиони евра.

Исплатени се 3,247 илјади евра  од кои камата се  544 илјади евра. Неговата намена беше за  подобрување на водоснабдувањето  и промена на старата и дотраена водоводна мрежа, каде се употребуваа стари земјени цевки но и за промена на канализационата мрежа.  

ЈКП   Дервен го  исплати кредитот  кон ЕБОР банката и  е единствено претпријатие од  петте општини во земјава, кои подигнаа ваков кредит, што целосно го исплати, без  никакви долгови кон некого. Освен модернизација на водоводната и канализациона  мрежа,  изградени се два дополнителни резервоари за  водоснабдување на повисоките делови  на градот, таложник во филтер станицата, поставивме СКАДА систем за автоматски мониторинг на нивото на водата во резервоарите - изјави Фиданчо Цековски директор на ЈКП Дервен.

Кредитот беше подигнат од страна на Советот на Општина Велес во далечната 1999-та година, кога градоначалник беше Ордан Николовски. Во тоа време имаше различни ставови од граѓаните дали на Велес му е потребно задолжувања за ваква намена. Мнозинството во Советот  реши дека е ,,за,, и изгласа да се подигне кредит, кој беше земен следната 2000-та година  од страна  на ЈКП Дервен. За овие 15 години  извршена е замена на вкупно 10.883   метри водоводна мрежа со различни профили, или 13 отсто од вкупната градска мрежа.

 Услов кога се потпиша договорот со ЕБОР, беше поради ниската цена на водата, таа етапно да се покачува,  како гарант дека кредитот  ќе се исплати. Поради тоа во договорот беше прецизирано водата за пиење во Велес четири  пати да се покачи, а раководството  на ЈКП Дервен последното четврто во 2002-та не го стори, бидејќи не било потребно.

Така кога започна да се користи кредитот цената на водата во Велес беше 12 денари за м3 додека денес  по трите покачувања е 30,40 денари за метар кубен. Покачувањата беа со високи стапки, условени од договорот, првото до 35 отсто, второто од 50 отсто  и третото до 20 отсто, што предизвикуваше реакции  кај граѓаните, дека пијат најскапа вода  во Македонија. Последното покачување кое не се реализира требаше да биде со 20 отсто повисока вредност.  

И покрај зголемувањето  на цените на електричната енергија, горивото, материјалите за работа, како и ц нета на суровата вода што му ј а плаќаме на  ЈВП Лисиче, цената на водата што се дистрибуира до граѓаните од 2002-та остана е непроменета, не е покачена, за разлика до други градови во Македонија, каде водата е многу поскапа отколку велешката - вели директорот Цековски.

Објаснува дека тие  како потписник и корисник, не добиле  ниту еден денар од овие средства. Сите пари  ЕБОР ги исплатувал  директно на изведувачите, при што негова била и контролата  на  тендерската постапка за изведба. И средствата се трошеле етапно, како се реализирале проектите за реконструкција на мрежата. ,,Јавноста треба да знае дека ниту денар од 2,85 милиони евра на влегоа на сметката на ЈКП Дервен,, потенцира Цековски.  

  Гарант за исплата на кредитот  беше Општината, која знаеше во одредени моменти, да помогне при исплатата и му помогне на ЈКП Дервен, за да се исплати ратата навреме. Но подоцна комуналното, средствата ги враќало на локална власт, негов основач.

Можам да изразам задоволство од начинот како се исплати, меѓутоа не и од начинот што се заврши,  што се сработи од подигнатите средства.  Кредитот се потроши, но не  се реализира за тоа што требаше. Не се заврши целосно промена на водоводната мрежа во градот. Реконструкцијата не е целосна - е ставот на  градоначалникот Славчо Чадиев.

Ист ваков кредит,  од ЕБОР истовремено земаа  повеќе општини во Македонија, Куманово, Штип, Струмица, Велес и заеднички Охрид и Струга.  Намената беше иста, обнова на водоводната мрежа и унапредување на  животната средина. Во првите години гарант за исплата беше државата, но откако повеќето општини ,,заглавија,, па ратите мораше да се плаќаат од Републичкиот Буџет, во 2009-тата се донесе  измена на Законот за задолжување. Со него финансискиот товар се префрли на Општините,  и тие  почнаа да ги исплатуваат ратите, како основачи на комуналните претпријатија кои се  корисници на кредитот.  

Кога се дебатираше во 1999-тата, дали е потребно да се земе овој  кредит, мнозинството од тогашните советници математички тврдеа дека водата нема многу да поскапи, од 12 денари за м3  преку четирите покачувања од 35%, 50%, и два  пати по 20 отсто или вкупно 125% ќе изнесува плус 15 денари или крајно 27 денари за м3. Заборавија да пресметаат дека со секое покачување расте и основицата на цената на водата и дека таа со последното покачување ќе се  продава по цена од 36,5 денари што е далеку од нивниот есап од 27 денари. Среќна околност е што раководството последното покачување не го реализирало, па цената остана на 30,4 ден за м3.  

 Ако Велес го исплати кредитот кон ЕБОР, општината  започна да исплатува друг кредит кон Светската  банка.  Тој е подигнат 2011-та година, кога градоначалник беше Горан Петров, во висина  од 7 милиони евра. Досега се исплатени три рати а остануваат за плаќање уште 13,  секоја во висина од 2,625 милиони денари главница  плус камата. Исплатата е за осум години и три грејс период со ЛИБОР камата. Тој е наменет за економично јавно осветлување и доведување вода до езерото Младост.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »