речник контакт

ЈКП Дервен и натаму со загуба

Ниту по девет месеци нема излез од загубата во финансиското работење на ЈКП Дервен која е забележана за прв пат од неговото постоење.

Петар Печков

Ова беше причина за жестоките пресметки во велешкиот совет, како ова комунално претпријатие да излезе од ваквата состојба и каде се причините за загубата од 6.1 милион денари.

Ако се анализира загубата ќе се види дека таа се поклопува со плаќањата за испорачаната вода од ХС Лисиче, договор кој за нас е неприфатлив, не е коректен ни фер. Како тие ни наплатуваат за дотур на  вода кога користат цевковод кој комплетно е финансиран и изграден од средства на граѓаните преку самопридонес. Згора на тоа плаќаме 2,38 денари за кубен метар иако како пример а Х.С. Студенчица водата ја наплатува двојно поевтино 1,2 денари. Затоа да не се случи како годинава прво директорите да го потпишат а ние потоа да го верификуваме, потребно е претходно таа одлука да се најде овде пред нас советниците – изјави Зоран Георгиев советник од редовите на СДСМ.

Тие потсетија дека во овој период платите на вработените се намалени за 10 отсто и за прв пат не е исплатен регрес за годишен одмор К-15. За други советници оваа загуба од 6,1 милион денари не е реална, бидејќи таа била далеку повисока.

Да не заборавиме дека со ребалансот на Буџетот на општина Велес префрливме нови дополнителни четири милиони денари, што зборува дека загубата реално е 10 милиони денари. И од тие пари што се префрлени, 80 отсто одат за плати на времено вработените а само 20 отсто за материјални трошоци – вели Валентина Делиманчева Андреева од ВМРО-НП.

Ако во изминатите години во ЈКП Дервен се вработија повеќе советници од тогашната позиција СДСМ-ЛДП, сега  тоа се случи и со советник од  власта, од ВМРО-ДПМЕ кој од неодамна е таму ново вработен. Во одбрана на раководството застанаа советниците од владеачката ВМРО-ДПМНЕ.

Финансиските податоци покажуваат дека во  ЈКП Дервен се штеди, се намалуваат трошоците за работа, кај горивото, за репрезентација и реклама. Има и инвестициони вложување, што досега не се случило со години. Тоа работи одговорно што до крајот на годината ќе донесе позитивен резултат  – изјави Елизабета Чуповска советник на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа посочи  дека годинава извршена е отплата на две рати, 11-та и 12-та од кредитот по проектот МЕАП од ЕБРД во износ од 22 милиони денари, купено е  ново современо возило за собирање на смет. Странските стручњаци  кои пак  го анализираа  ЈКП Дервен констатираа дека  има малку возила за собирање смет, само две наспроти потребните осум, од кои пет треба да бидат мали и ефикасни, за високите делови на градот каде има тесни  и стрмни улици.

Раководството на  претпријатието анализирајќи ги финансиските резултати во работењето во овој период констатира дека тоа работело со отежната ликвидност а поради тоа  исплатата на обврските се извршува со поголемо задоцнување.

Со новите цени кои Советот ги усвои пред еден месец ќе се покријат загубите кои настанаа годинава, како резултат на укинувањето на дел од претходните  цени за ѓубрарина од страна на Уставниот суд – изјави Драган Дамјановски финансов директор на ЈКП Дервен.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »