речник контакт

ЈКП Дервен набави два апарати за работа на Фабриката за вода

Вкупната инвестиција е 2,15 милиони денари, средства од сопствен буџет

Петар Печков

ЈКП Дервен  објави дека  набавила два апарати , дел од системот на работа на Фабриката за преработка на вода, за што инвестирала 2,15 милиони денари, сопствени средства. Набавен е систем за неутрализација со што се модернизира производниот процес и овозможува максимална заштита на животната средина и здравјето на луѓето.

„Во Фабриката за преработка на вода се постави систем за неутрализација, чија главна намена е во случај на инцидент, односно било какво излевање на штетни гасови, во случајов гасен хлор,  да го прибере излеаниот хлор и да го неутрализира. Со ова се заштитува и здравјето и безбедноста на вработените во фабриката, но и околината“ - соопштија од ЈКП Дервен.

Оваа инвестиција е во износ од 1.100.822 денари. Од претпријатието потсетуваат дека водата од градска мрежа, порано матна и во недоволно количество, денеска ја има во изобилство, и што е најважно, со квалитет што не отстапува од светските стандарди.

ЈКП Дервен изврши набавка на компресор  модел EPM 40-A со сушач за производство на сув воздух за озон генератор. Фабриката досега имаше на располагање само еден компресор  за производство на сув воздух за неопходна работа на озон генераторот и истиот работеше непрекинато.

„Со новиот компресор и сушач овозможено е посебно независно функционирање на системите еден од друг, така што е  отстранета е експлоатацијата на  непрекинато работење на само еден систем, односно, при редовно сервисирање или несакан дефект на работниот компресор фабриката за преработка на вода за пиење има резервен компресор кој ќе овозможи производство на сув воздух за непрекината работа на озон генераторот“ -додаваат од ЈКП Дервен. 

И оваа инвестиција е  со сопствени средства во износ од 1.050.000 денари. Процесот на озонирање на водата го нема во сите водоводни претпријатија во земјава, а придонесува до многу подобар квалитет и вкус на водата за пиење. Тој дел од процесот на производство на вода е воведен со самото пуштање во работа на Фабриката за вода на ЈКП Дервен а  претпријатието се грижи за редовно одржување и сервисирање, како и замена на потребната опрема.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »