Петар Печков
Објавено: петок, 09 јануари 2015
По повод седумдесети две годишнината од смртта на командантот на Прилепскиот одред Трајко-Тарцан Илинденски (1918-1943), кој го изврши нападот на 11 октомври 1941 година и Маца Овчарова (1922-1943), соборец на Тарцанот, побаравме жив сведок на настанот од јануари 1943 година. Него го најдовме, каде ако не, во Здружението на пензионери во Велес
Господинот Миодраг-Миле Николов, роден во 1930 год. во с. Рлевци, Велешко, како тринаесетгодишно момче, благодарение на добрата меморија, во детали ни го раскажа случувањето со погибијата и закопувањето на двајцата храбри борци од НОБ, кои ги жртвуваа своите млади животи за слобода на македонскиот народ.
Господине Николов, во околината на вашето село се случи еден трагичен момент во далечната 1943 година.Северозападно од селото, под планината Бреза, престојуваа и се бореа борците на Велешкиот одред „Димитар Влахов“ од Велес во1942-43. Што е тоа ви остави незаборавни траги во детската меморија?
Што? Многу нешта, но, за жал, морбидните доживувања се посилни и потрајни од радосните! Во почетокот на 1943 г., пред Божик, селаните во моето село, кое имаше над 600 жители, коментираа како под селото, во близина на Сливник, населба со 5-6 арнаутски (албански) сточарски семејства, имало ранет јунак од типот на Крале Марко!? Ние, како и сите љубопитни деца, прислушкуваваме за да дознаеме од каде е и како изгледа тој ранет Крале Марко?!
Старите си(ни) раскажуваа дека пред Божик тој, Тарцанот, алијас Крале Марко, бил од Прилеп и ранет кај Зелениково, Скопско, а во таа битка со бугарската полиција била ранета и неговата придружничка Маца Овчарова од Велес.
По нивното ранување и разбивање на одредот како се одвивале настаните?
Како?! ТрајкоТарцанот се довлечкал вечерта до Рлевци. Еден од нашите соселани (по се изгледа голем соработник со партизаните-борци за слобода), го посоветувал ранетиот Тарцан да оди во Сливник кај некој си Арнаутин-поддржувач на ослободителното движење. За жал, исплашениот јатак го молел ранетиот борец да не влегува во неговата куќа, зашто бугарските фашистчки полицајци ќе му ја запалат куќата со се деца.
Трајко се скрил под селото, во некои џбунови, но следејќи ја трагата по снегот и крвта, полицијата го открила. Тарцанот, храбар и силен, отворил прв оган против крвниците и предавниците (ги имало како водичи). Во кусата престрелка Тарцанот бил смртно застрелан-убиен, на вториот ден од Божик, ( 8 јануари 1943 )
Господине Николов, кога и каде го видовте мустаќлијата „Крале Марко“(Тарцанот)?
На третиот ден на Божик (9.01.1943), префрлен како огромна вреќа, на коњ го донесоа во селото „браштата освободители“. Еден ден пред тоа беше фатена ранетата партизанка Маца Овчарова, во подножјето на Бреза, над нашето село. Таа беше сместена во подрумите на училиштето и постојано испрашувана и (при)силувана да ги каже нејзините соборци. Таа ни збор не изусти - само молк и поглед во празно. Сирото девојче, си ја очекуваше смртта како спас на неподносливите измачувања. Дури отсечно негираше дека го познава убиениот Тарцан Илинденски!
Па, „какво“ сторија крвниците со мртвото тело на Тарцанот, на тој светол христијански празник- Божик, на денот на Христовото раѓање, нели го погребавте?
Тарцанот беше погребан дури на Василица(14.01.1943) од страна на месното население. Дотогаш неговото тело служеше како „пример за оние што ќе се охрабрат да „трсат свобода погољама от б,лгарската“, односно, со неговото мртво тело ги плашеа борците за национална слобода! Беше ископана дупка во вид на гроб, во неа беше фрлено мртвото тело на Тарцанот, но незатрупано.
Василица не ја славевме (ние, децата сакавме да одиме по куќи, по подароци, но старите ни забранија во знак на жалост за храбриот Илинденски Тарцанот).
Што се случи со Маца, младата партизанка ?
Ужас! Нејзината смрт „ не ја видовме“, зашто неа жива ја фрлија во јамата каде што лежеше мртвото тело на Тарцанот! И наредија , божем да му ја понамести главата, а штом таа се наведна, ја застрелаа и додека преташе и офкаше, ја затрупаа со земја! Морбидна глетка - и ја видовме десната рака испружена низ меката земја! Како да му се молеше на Бога - „ Прости им Господе, не знаат што прават“
Господине, Миле, кажете ни уште нешто. Каде се наоѓа нивниот заеднички гроб и дали нивните посмртни остатоци се се уште во тој гроб?
Нивниот заеднички гроб беше на 200 метри до црквата „Свети Спас“. Кон крајот на 1944 година, значи по нецели две години, дојдоа нивни роднини, ги откопаа и роднините на Маца ги однесоа нејзините посмртни останки во Велес, а роднините на Тарцан во Прилеп. Тогаш имав 14 години и се сеќавам како цело село ги оплакуваше младите животи на Тарцан и на Маца. Тогаш поради нивниот погреб, не ги прославивме ниту Божик, ниту Василица во знак на жалост, за време на откопувањето, бевме уште потажни гледајќи ги солзите на нивните најблиски на коишто им ги евоциравме трагичните моменти пред две години. Нивните тела се уште не беа распаднати.
автор на текстот е Веле Алексоски
Tweet |