Петар Печков
Објавено: петок, 28 април 2023
Откако имало два обиди за барање на изведувач на градежните работи, за уредување на центарот на Велес, локалната власт се надева дека овој пат јавниот повик ќе биде успешен. И на 20 мај ќе се знае изведувачот а по завршување на правните работи во јуни- јули би започнале и градежните работи. Целиот проект е во вредност од 750 илјади евра, пари од ЕУ.
Проектот е добиен пред три години а не можел да се реализира поради зголемувањето на цените на градежните материјали и првично проектираните смарт елементи кои се дел од урбаната опрема и сообраќајот.
„Овој проект неколку пати го имаме најавувано, имавме сериозни проблеми со порастот на цените и имавме неколку неуспешни обиди за избор на изведувач на градежните работи. Во договор со ЕУ, која е финансиер направивме корекции врз основа на претходните понуди и останува да се надеваме дека за еден месец ќе имаме избрано изведувач. Со проектот се предвидува целосна реконструкција на ул. 8 Септември од плоштад Сармаале до споменикот на Коњаникот, нова одводна атмосферска мрежа, фекална канализација, нови тротоари, нов асфалт, кружен тек на крстосницата 8 септември, ул. Страшо Пинџур, ул. Архиепископ Михаил, реконструкција на кружниот тек во центарот, кај споменикот Коњаник“ - кажа градоначалникот Марко Колев.
Со овој проект се предвидува улицата 8 Септември да биде пешачка зона, улицата Архиепископ Михаил да биде еднонасочна а улицата Страшо Пинџур и Гоце Делчев да бидат двонасочни. Со проектот не се предвидува никаква активност кон старите јавори во центарот на градот.
Одговарајќи на новинарско прашање, што со подземната гаража предвидена на паркингот пред Судот, Колев кажа:
„Тоа е друг проект за подземната гаража и уредување на просторот пред судот. Тоа чини два милиони евра, пари кој локалната власт ги нема. Разговараме со Владата за да помогне финансиски ако може, да се реализира овој проект“ - одговори Колев.
На промоцијата на проектот учествуваше и Мишел Хофнагел поранешен градоначалник на германскиот град Таунусштајн во период од 12 години.
„Тука сум за да работам на меѓуопштинска соработка, можности за заеднички проекти и подготовка на нови. Лалп и да оствариме со градоначалникот меѓународна соработка“ - кажа Хофнагел.
Општина Велес проектот ќе го спроведе во соработка со СЕГ Холдинг, а е кофинансиран од Европската Унија во рамки на ИПА програмата „ЕУ за општините“ во соработка со Министерството за локална самоуправа.
Tweet |