Петар Печков
Објавено: среда, 16 април 2014
Завршувањето на црквата Св. Кирил и Методиј привршува, но никако да биде готова. На денешната средба со Владиката Агатангел Митрополит на Повардарската Епархија при МПЦ- ОА, тој не можеше да прецизира на прашањето кога ќе биде завршен овој храм. Авторите имаат да нацртаат 1.600 м2 со фрески.
Има уште доста за работа, за цртање во внатрешноста на црквата. Зависи до тајфата која работи. Зимово беше ладно, не се црташе а има голема површина. Потоа и влагата влијае. За два до три месеци ќе се знае кога ќе биде осветена. Тоа ќе се случи кога се ќе биде завршено за да можат верниците да ја посетуваат на мира – изјави Владиката Агатангел.
Црквата ќе има подни мозаици и голем иконостас од 40-тина икони дело на копаничарот Љубомир Бисин кој е одамна готов. Бидејќи храмот е доста голем и раскошен, така и живописот е богат со многу сцени и светители. Во централната купола се наоѓа Господ Исус Христос, под него е Небесната литургија, Пророците, а во четирите помали куполи се сместени Евангелистите.
Во највисоките зони се сместени Великите празници, под нив Христовите маки и страдања, сцени од житијата на Св. Кирил и Св. Методиј, старозаветни сцени, пророци, маченици, преподобни. Распоредот на живописот и сцените се одредени според каноните на Православната Црква, но во голема мера зависат и од архитектонското решение на храмот.
Храмот почна да се гради на први јуни 2006-та. Црквата ќе служи само за венчавки, крштевања, не и за погреби. Таа е дело на архитектот Тодор Паскали од Охрид. Налик е на црквата „Св. Богородица“ во село Калишта- струшко. Св. Кирил и Методиј има 500 метри квадратни површина. Се гради во византиски стил, еднобродна со кршен камен и со камбанарија која е веќе готова,а ѕвоната беа излиени во Виена Австрија.
Tweet |