Петар Печков
Објавено: среда, 15 јануари 2020
Локалната власт побара, министерот им одобри средства за уредување на една улица, во Велес во рамките на подобрувањето на условите за живеење на ромското население. Улицата е во делот на месноста Прцорек, над ул. Богдан Каракостев, на периферијата од градот.
Оваа улица е многу важна, со нејзината изведба ќе може возило на ЈКП Дервен да дојде да го собира цврстиот комунален отпад и ќе може граѓаните полесно да го транспортираат набавениот огревен материјал, или при доградба и надградба на домовите да носат материјал. Тежок е животот за овие граѓани, оти теренот е непристапен и затоа се трудиме да им го олесниме колку можеме - изјави градоначалникот Аце Коцевски. Тој беше пофален од Министерот Музафер Бајрам, задолжен за ромските прашања, дека единствен во земјава вработил лице за прашања на граѓаните од ромска националност.
Лани располагавме со 20 милиони денари и не можевме да инвестираме во Општина Велес оти таа немаше усвоено локални акциски планови. Но откако ги усвои, од Буџетот на Министерство за транспорт и врски, каде имаме на располагање 40 милиони денари, се договоривме со градоначалникот да учествуваме со половина од потребните средства, со пет милиони за оваа улица. Другата половина ќе ја даде Општина Велес, за да се реконструира улицата - кажа министерот Бајрам.
Неодамна локалната власт ја завршила изградбата на потпорниот ѕид на улица Богдан Каракостев , оти претходно неколку деца паднале од високо и се здобиле со тешки повреди, со скршеници на рацете или нозете. Инвестицијата за ѕидот и уличката која е цементирана чинела околу 800 илјади денари а останува да се поставела заштитна ограда.
Мирјана Дестанова жител од овој дел на градот, побара инфраструктура и вработувања на младите Роми.
Нема улици, одиме по кал, нема осветлување, во темница се прибираме. Ѓубрето не може да го земеме, во смет живееме. Но бараме и канализација, вода, работа за младите, тие што можат да работат
Tweet |