Петар Печков
Објавено: петок, 03 јуни 2022
Во посета на Општина Велес беа двајца градоначалници од Шпанија од областа на Валенсија. Причината е проектот кој Велес го доби од ЕУ за урбаната мобилност, како и праксата околу неговата реализација, бидејќи токму таков проект имале и во овие два града.
„Разменивме искуства за урбаната мобилност, се што спремаме ние и за нивните искуства. Таков проект бил позитивно прифатен кај нив. Кажав дека имаме сериозен проблем со сообраќајот во централното градско подрачје и претставив што имаме на хартија. Ние сме прва општина во Македонија, која со ваков проект ќе го решава сообраќајот и затоа нивното искуство е добредојдено“ - кажа Марко Колев градоначалник на Велес.
Гостите од Шпанија ја пофалија локалната власт што се одлучила на ваков проект, кој е во интерес на граѓаните.
„Се може да се направи, со помош на финансии да се подобри инфраструктурата. Најважно е да се подигне свеста кај граѓаните, тоа е клучно. Граѓаните треба да знаат што значи ако еден ваков проект се имплементира во сообраќајот. Ако тие е противат, тогаш успех нема да има. Ако свеста им е доволна висока, ако немаат проблем да има промена на начин на живот, на инфраструктура, секако е дека е можно проектот да успее“ кажа Винсент Зарагоза Алберола, градоначалник на градскиот совет на Сиља.
Tweet |