речник контакт

Џајкови го чуваат споменот на Миле и Ордан Поп Орданови

За нештата кои малку се познати во јавноста

Петар Печков

Семејството Џајкови од Велес е едно од наследниците на револуционерното семејство Поп Орданови, Миле и Ордан. Едниот Ордан е Гемиџија  учесник и загинат во Солунските атентати, вториот Миле падна во борба за слобода на Македонија и опеан во народната песна, денешна химна на Велес. Алексо и Ванчо Џајкови ги чуваат спомените на нивните дедовци, кои посветени на борбата за слобода на Македонија, целосно се предале на револуцијата и не оформиле семејство. Тие се наследници преку Елена нивната баба која е најстара сестра на Миле  и Ордан. 

 - Орце кога во една пригода доаѓа од Женева, по средбите со Борис Сарафов, за жал недоволно признат во Македонија, носи обетки и прстени како подарок. Тоа е единственото нешто што тој оставил за живот. Пред да се случат атентатите, пролетата кога дошол во Велес ги искинал сите слики каде него го имало. Порачал дека не сака еден ден некој на него пари да печали, не објаснувајќи зошто и како. Тоа баба ми често го кажувала, но не знаела зошто ги уништил. Некои историчари, истражувачи од Велес тврдат дека и огледалото што е кај нас дома е едно од берберницата, каде се подготвувале атентатите а на Гемиџиите им било за камуфлажа од нивната активност, копањето тунел – раскажува Алексо. Овие сознанија му се од мајка му Слоботка, која ја чувала Елена оти таа при крајот на животот ослепела,  додека татко му Благој Џајков како приврзаник на ВМРО долги години бил в затвор. Тие години додека двете мајка и ќерка биле сами, Елена сестрата на Миле и Ордан, долго и во детали ја раскажувала историјата и борбата на двата сина за Македонија, нивните идеали, саможртвата, нивниот краток но богат револуционерен живот, херојското погибје.

- Миле и Ордан биле под големо влијание на Француската револуција. Кај нив дома тогаш сите зборувале француски, нивната мајка и татко, моите баба и дедо. Ѓошо бил голем трговец, имал голем имот, работел трговија со риба, дел до чаршијата во Велес бил негов. На крајот од 19-тиот век, сите Балкански држави се ослободиле а само Македонија останала под Турско, тие браќата ученици на Солунската гимназија  Св. Кирил и Методиј не можеле да се помират со ваквата состојба. Како интелектуалци биле задоени со идејата за самостојна држава. Миле дури оди и учи семинарија, за свештеник во Цариград, но поради неговата активност е исклучен – објаснува Џајков. Колку биле конспиративни Гемиџиите, говори и тоа што никој од семејството не знаел за нивната активност. Разбрале дури следниот ден по атентатите, кога започнале апсењата па сите машки членови на Поп Орданови и биле однесени во Белата Кула (Беас куле) во Солун. Биле затворени во мали ќелии, со нозете во пранги и во вода клечеле сите денови. Биле измачувани, но не биле осудени. Алексо потсетува дека градската химна на Велс, „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ е испеана со голема грешка. 

- Миле загинал во борба, не починал на кревет. Долго време неговото тело било изложена на улица и никој не смеел да го земе. Бил предаден од велешки кодоши, чие име како семејство ни е познато ама ајде времето минало и нивните наследници немаат врска со ова.  Оригиналната песна е „Бог да го прости Миле Поп Јорданов“. Кога сум кај грешките морам и ова да го кажам. Ниту сме Јорданови ниту е Јордан, туку е Поп Орданови и Ордан, без ј, тоа е велешка карактеристика. Миле е загинат во заседа кога со кочанскиот војвода Караџов се повлекувале преку Вардар и држел отстапка кога е убиен. Миле е постариот брат загинува на 24 години во 1902-тата а Орце една година потоа загинува на 22 години возраст. Двајцата се верени за Македонија. Не е точно дека Орце имал девојка Кате и пишувал љубовни писма, тоа не постои, лага е. Баба ми  тоа никогаш не го кажала, тие браќата биле исклучиво посветени на борбата за Македонија, ништо друго не постоело во нивниот живот. Различни информации кружат за Ордан и Миле а фактите се едни и недвојбени – вели Алексо. Тој е горд што е потомок на Поп Орданови. Султана и Ѓошо Поп Орданови имале шест деца четири ќерки  Елена, Марија, Олга, Павлина и двата сина, кои  како идеалисти животот го дадоа за Македонија. Интересен е податокот што Павлина сестрата на Миле и Ордан се омажила за братот на Павел Шатев податок кој е малку познат во фактографијата. Орце пред Солунските атентати се осигурил во друштвото Софија на 10 000 франци. Дел до парите биле за Сарафов а дел за семејството. Кога татко му Ѓошо отишол да ги подигне, му било препорачано од велешанец директор во компанијата, дека не е добро тоа да го прави, „за да не му се случи истата судбина како на синот, да  му отиде  главата“. Така семејство не ги земало парите кои биле завештани за нив. Но затоа обетките, прстенот и огледалото се богатство кое нема цена и е единствениот спомен за  Миле и Ордан Поп Орданови. Такво огледало има и во куќата на велешкото семејство Вангелови и тоа е исто така  од берберницата во Солун а тоа е добиено како наследници на Гемиџијата Владимир Пингов.  

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »