речник контакт

Џинот голем по име и дела, но мал во историјата

Велес му оддаде почит на Јордан Хаџи Константинов Џинот на неговата 190- годишнина од раѓањето

Петар Печков

 Во Велес се одбележаа 190 години од раѓањето на преродбеникот Џинот, кој иако голем по име и дело, се уште не е адекватно вреднуван во македонската историја и култура. Ова го констатираа десетината   научни учесници на  собирот посветен на одбележувањето на овој јубилеј.  Џинот (1821 – 1882) е вон сериска личност, индивидуалец, сам против сите и светот, книжевник, драматург, учител. Со неговиот труд длабоко ја задолжил Македонија. Тој бил пионер во многу области, поради што бил во немилост од грчките владици па бил прогонуван, затворан и негиран.

Џинот го пронајде ракописното второ кратко Наумово житие, за кого, Наум Охридски во науката недостасуваа бројни податоци. Текстот го доставил на Друштво Српске словесности во Белград, каде завршиле и други негови пронајдени ракописи за кои денес немаме  податоци. Богатата библиотека на Џинот  е извор на многу податоци  – рече  д-р Вера Стојчевска Антиќ

. Тој е првиот македонски драмски писател и просветител заедно со  Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски. Додека работел во Скопје, прв извел метеоролошки мерења во Македонија. Дел од неговите драмски текстови  ја изразуваат идејата за ослободување од долго вековното турско ропство и од духовното туторство на грчката црква, и за  македонското национално единство и соработка со словенските земји и народи. Освен што пишувал драмски текстови и заедно ги изведувал со неговите ученици, тој  ги поставил основите на образовниот  световен систем, бидејќи духовниот веќе постоел во црквите. Вовел нови предмети, мајчин јазик, географија, кои дотогаш не биле познати. Имал посебен режим на учење и настава

Значајно е што тој ја трансформирал наставата во световна  и својата  работа го претворил училиштето  во силна преродбенска активност, спроведувајќи го новиот учителски метод.   Бил приватен учител кој работел за шест илјади гроша -  изјави д-р  Силвана Сидоровска Чупоска од Институтот за национална историја.

Јордан Хаџи Константинов Џинот четири децении работел на воведување на просветата на народен, мајчин јазик, како  писател и сестран творец од областа на културата. Џинот исто така се занимавал и со преведувачка дејност, со собирање на народни умотворби, со пишување афоризми. Сите десетина презентирани труда, ќе бидат собрани и издадени во книга. 

Организатор на одбележувањето беше општина Велес и театарот од Велес Јордан Хаџи Константинов Џинот  кој го носи неговото име од 1974-та година. За делото на Џинот малку се знае во пошироката јавност, додека во научната има повеќе дела за неговата работа   и живот. Тој освен во Велес работел и во Прилеп, Скопје, Белград. Поради неговата работа бил протеран на робија на  101 година во Мала Азија, каде од камшик го губи десното око. Неговиот гроб е во црквата  велешката црква Св. Спас иако не е познато каде се неговите мошти. 

Неодамна градот Велес во чест на јубилејот во спомен куќата на Џинот, уреди спомен соба каде се презентирани   собраните  дела и премети поврзани со животот на овој знаменит велешки и македонски преродбеник. Тие се однесуваат на учебникарската, библиотечната и учителска дејност.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »