Петар Печков
Објавено: сабота, 29 јули 2023
Автомобил излетал од пат и завршил во крајпатна дупка длабока три-четири метри. Возач во автомобилот било момче од Велес на 24 годишна возраст. Поради повеќе скршеници тоа е префрлено на скопски клиники. За случајот објавија од Центарот за управување со кризи и во пронаоѓање на момчето биле вклучени повеќе служби.
„Утрово во 04.20 часот на Единствениот европски број за итни случаи 112 во ЦУК пристигна невообичаена говорна порака на англиски јазик од автоматска секретарка на мобилен телефон. Практично тој телефон, при излетување на возило е програмиран автоматски да дава информација на Единствениот европски број за итни случаи 112 во било која европска држава и пошироко, дека најверојатно се случила сообраќајна незгода, а лицето што го поседува мобилниот телефон не е во состојба да се јави. Во ЦУК, согласно процедурата, веднаш се забележани координатите на локацијата од каде што е примен повикот и почнува итна проверка на вистинитоста, бидејќи ваквите повици се невообичаени и се проверуваат во соработка со МВР, дали се активирани од реална незгода или се случајни“ - соопштија до ЦУК.
На местото била упатена екипа на СВР Велес, која го пронашла автомобилот и момчето кое било заробено во автомобилот и повикале екипа на Итната помош. Таа веднаш се упатила на местото.
„Дадена е неопходната здравствена помош, пациентот е веднаш префрлен на хирургија од Општа волница Велес“ - кажа д-р- Васе Пановска, началник на Итната помош од Велес.
Од велешка болница, кај пациентот биле констатирани повеќе скршеници, политраума, поради специфичноста и тежината на повредите е транспортиран на клиники во Скопје.
Автомобилот излетал во близина на градската депонија а бозилото патувало во правец кон Велес. Среќна околност според Стојанче Ангелов директорот на ЦУК е што возачот имал нов модел на мобилен.
„Модерните телефони имаат вградени софтвери кои помагаат да се детектираат несреќи и тогаш кога граѓаните нема да го пријават. Ајфон 14 има краш детектор, кој детектира удар и веднаш автоматски врти на бројот 112“ - кажа Ангелов.
Tweet |