Петар Печков
Објавено: недела, 20 јуни 2021
Автомобил излетал ода патот, завршил на железничката пруга и изгорел, патниците се спасиле на време. Ова е епилогот од синоќешната несреќа, во која нема човечки жртви, но има значителна материјална штета и од изгорениот автомобил, и од прекинот на железничкиот сообраќај на линијата Велес- Гевгелија.
„Околу 18 ч. на железничката пруга Велес- Градско, неколку стотина метри после железничка станица Згрополци имало автомобил марка „форд фокус караван“со велешки регистраски таблички кој излетал од регионалниот пат Велес- Градско. Железничкиот сообраќај беше во прекин до 21,30 ч“ - информираа од МЖ. При сообраќајка интервенирале пожарникарите од велешката ТППЕ.
„Излезена на лице место, на пругата Велес- Градско, кај фабриката ХИВ, екипа и возило на противпожарната единица. Локализиран е пожарот, возилото е изгорено, повредени лица нема, автомобилот бил празен при избувнувањето на огнот“ - кажа Љупчо Лепидовски, командир на ТППЕ Велес. На лице место интервенирала екипа на Итната помош од Велес.
„Испратени се две екипи, две возила. Во автомобилот немало патници, кои се пријавиле подоцна, дел од нив уплашени од настанот. Петмина пациенти се пренесени на ортопедија при Општа Болница Велес, со контузија и акутна реакција на стрес “ - кажа д-р Василка Пановска, началник на службата за Итна помош од Велес.
„Во Болница околу 19,30ч. примени се шестмина лица патници од автомобил, кој излетал на пруга. Кај нив има лесни телесни повредни и сите се пуштени на домашна нега “ рече д-р Елеонора Јованов, портпарол на Болница Велес.
Tweet |