речник контакт

Автомобилите на тротоар, пешаците на улица

Велешани мака мачат да најдат слободен паркинг простор Затоа ги освоија тротоарите. Пешаците сега се по улица

Петар Печков

Велешани немаат паркинг простор каде можат времено да ги остават нивните автомобили. Само четири паркинзи со капацитет од двеста коли, се премалку за илјадниците кои се во сопственост на велешани. Тие се револтирани бидејќи овој проблем се  провлекува со децении а решение нема, ниту има најава дека скоро ќе биде решен. Возачите со дилемата каде да се паркираат, се наоѓаат во опасност да бидат казнети од сообраќајната полиција или да го остават на место каде лесно може да биде оштетен или ограбен.

Велес има еден огромен проблем, тоа е паркинг просторот. Може ли овие постојни четири да ги задоволат нашите потреби. Се случува да вртиме по центарот на градот  десетина минути, за да најдеме празно место а тоа ретко се случува и тогаш каде да одиме – велат велешките возачи.  Токму поради ова  тие започнаа да ги освојуваат пешачките зони во градот. Највпечатлив е примерот во центарот на Велес, на главната улица Маршал Тито, Страшо Пинџур  и Гоце Делчев,  каде тротоарите се окупирани од автомобили, па пешаците мораат да одат по улица.

Погледнете колку се безобразни возачиве, тротоарите наместо за нас ги запоседнаа со нивните коли. А полицијата молчи. Еве просторот каде се собираат велешани, кај фонтаната, е полн со автомобили, не избркаа од местото каде се дружевме – велат пешаците.  Посебно загрижувачка е состојбата во пазарните денови, вторник и петок, кога да се најде место за паркинг во Велес е исто како да се добие премија на наградна игра. Тогаш паркинг просторот кај Градскиот пазар наместо со коли е освоен од  дивите  пазарџии препродавачи, состојба присутна повеќе години. Ако претходно се преземаа акции кои времено родија со плод, па паркингот беше слободен, тоа повеќе не се случува.

На пазар во Велес не се оди со кола, нема каде да ја паркирам и најголема добивка имаат таксистите, кои ги враќаат велешани дома. Тешко и за станарите во околните згради, кои се со блокирани излези, немаат како од дома да излезат – вели сопственик на автомобил.  Локалниот Буџет  предвидува за тековно одржување на паркинг простор  120.000  денари,  но досега од овие  средства не се искористени. Во Велес има четири паркинг простори, кај пазариште, кај Градскиот саат, пред Основниот суд и кај Градската библиотека, што е премалку за потребите на педесет  илјадниот град. Тоа го знаат и во општината но засега нема решение за овој проблем.
         - Паркинг просторот во Велес е болно прашање. Конфигурацијата на теренот е таква што не дава можност за некое инстант брзо решение. Тоа ќе треба да се бара во изградба на катна или подземна гаража  и добро да се види што е најдобро, ќе треба добро да се анализира – вели Горан Петров, градоначалникот на Велес. Дотогаш сопствениците на автомобилите мака ќе мачат каде да паркираат и тоа ќе го прават на штета на пешаците, по тротоарите а полицијата  ќе молчи.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »