речник контакт

Адетите за свадба во велешко пред два века

Според материјалот запишан од Константин Петковиќ, што се чува во Архивот на Руската академија на науките, во фондот И. И Срезњевски). К. Петкович е роден во Башино Село, Велешко. Се школувал во Одеса и на Петербуршкиот универзитет

Петар Печков

Андреја Петкович(1837 - 1897)

Андреја Петкович е роден во Башино Село и како помлад брат на Константин во многу нешта ги следи неговите стапки. Се школувал во Одеса и Петроград во Русија. По завршувањето на студиите се занимава со дипломатска служба, публицистичка и преведувачка дејност. Во “Цариградски вестник” ја објавил својата позната песна “Глас од далека земја”. Во “Слово изгласено в велешкото училиште” се наоѓаат неговите биографски податоци, мисли за просветата и културата на Македонија и перспективи за национално будење и осознавање. Идејата на Петкович е словенско општество што треба да го замени грчкото.

Момчето да биде ерген или момата немажена се смета за несреќа во семејството. Родителите што не успеале да направат свадба за своите синови или ќерки до крајот на својот живот сметаат дека се лишени од најважната родителска среќа и носат тежина на душата. Затоа свадбата претставува предмет на постојани грижи и искрени желби во кругот на семејството и роднините, мајките заспивајќи ги  или галејќи ги синовите им пеат песни во кои меѓу другото ја споменуваат среќата и искажуваат желба да доживеат до нивните свадби да се радуваат.

Понекогаш родителите ги  заречуваат (свршуваат) своите деца уште во најрана возраст (уште мали), и се зближуваат меѓу себе со своите семејства и на празниците и на соборите меѓу себе си искажуваат најискрена детска љубов и на соодветна возраст (полнолесттво) сигурно стапуваат во брак, ако тоа не го спречи смртта на еден од нив. Таа врска е исполнета со чиста љубов и искрена приврзаност.

За стапување во брак се бара момчето да не е помладо од дваесет, а девојката од седумнаесет или шеснаесет години, но многу чести се и исклучоците. Ако момчето и невестата се од ист град или село претходно си ја покажуваат љубовта на еден кон друг, но ако се од различни места без да се познаваат или и без да се виделе при свршувачката имаат целосна доверба во зборовите на своите родители, а ако немаат такви во своите роднини или сватови.

Во двата случаи родителите или роднините на  идните сопрузи се договараат во почетокот помеѓу себе и го определуваат денот на годежот (свршувачката). Во одредениот ден таткото или мајката на младоженецот со некои од своите роднини оди во домот на невестата со свршенички прстен и со дарови. Таму свечено ги пречекуваат и ги гоштеваат. Додека се на трпезата се јавува идната невеста, облечена во најубавата промена и им бакнува рака на таткото или на мајката на младоженецот и на сите други гости. Во тоа време си ги разменуваат свршеничките прстени и ја даруваат невестата со донесените дарови. М

ајката на невестата пак во замена им дава на младоженецот, на неговите сестри и браќа разни рачни изработки од својата ќерка како: копринени ризи, бродирани крпи, пешкири, перници и др. На крајот од вечерата таткото на невестата му предлага на сватот (таткото на младоженецот) условите што се состојат во тоа што младоженецот треба да му донесе на денот на свадбата: кожув, неколку аршини платно, фесови за малите браќа или роднините на невестата и неколку чифта женски обувки за мајката, другите нејзини ќерки и роднините. Потоа невестата повторно иде на трпезата и им бакнува рака по претходниот ред по кое што гостите си разотидуваат.

На денот на свршувачката во согласност на двете страни се определува и времето на свадбата. Рокот општо земено трае околу шест месеци но понекогаш и повеќе и помалку зависи од условите. Тој период е неопходен за разни подготовки од страна на невестата и младоженецот: невестата е зафатена со приготвување на својот чеиз кој во поголем дел се состои од нејзини сопствени рачни изработки. Секој ден кај неа се собираат роднините и младите другарки и и помагаат во работата, при што пеат песни.

Младоженецот од своја страна ги подготвува договорените даови и свадбената носија на невестата. Таа носија не се однесува на никакви услови, но е дефинирана од народниот обичај и се смета како света должност на младоженецот. Таа се прави од најубав материјал и како знак на сопружничка должност не се носи секојдневно и се чува до гроб.

Ако младоженецот и невестата се од исто место, неговата мајка (свекрва) една седмица пред свадбата во празничен ден оди на посета кај младата невеста со неколку свои роднини, и носи дарови како: копринена крпа, убетки, сребрени павти, гривни и разни бонбони и слатки.

Неделата пред свадбата е времето на најголемите грижи за младоженецот. Најпрвин тој оди кај кумот, му соопштува за свадбата и најпокорно го моли да ја почести свадбата со своето неопходно присуство и да го венча. Потоа од своите познати другари или роднини кани двајцата за свадбата и ги моли да бидат девери на невестата. Ако ја прифатат поканата и се согласат да бидат девери тие со зетот и невестата стануваат Свети Јован - побратими, т.е., блиски роднини.

Должноста на деверите се состои во тоа што за време на свадбата се наоѓаат покрај невестата, како еден вид нејзини заштитници и ако таа е од друго место при доаѓањето на сватовите ја придржуваат на коњот од двете страни и затоа одат пешки. Откако ги поканил кумот и деверите, младоженецот го исполнува својот долг кон блиските роднини и пријатели.

Еден ден пред свадбата се прави општата покана (канење)  за свадба: помалиот брат на младоженецот, ако го има или двајца помлади од неговите роднини замаат сад (букарче) со убаво вино, на него закачуваат големо црвено јаболко и китка свежи цвечќиња и одат по сите куќи на селото. На поканетите им даваат чашка вино кое тие го испиваат и за награда закачуваат на јаболкото неколку ситни сребрени монети.  Тој ден во домот на младоженецот се прават разни домашни подготовки, колат вол, неколку овни и кокошки, печат леб и др. Од домот на невестата на истиот начин двајца млади тргнуваат по сите куќи во селото за канење на свадбата. Освен тоа во куќата од вечер се собираат сите пријателки и познати млади моми за да го мелат свадбениот бунгур. По средината на одајата постилаат рогузини или черги и потоа мелат бунгур и пеат песни.

На крајот принесуваат големо топло кравајче од убава пченица кое исто така го подготвуваат свечено и со песни, една од момите го раскршува со раце и по едно парче дава на сите што се дојдени на бунгур. Кога ќе го подготват кравајчето момите ставаат во него сребрена или златна монета, според состојбата на невестата, затоа добиените парчиња ги кршат и ја бараат парата и која ќе ја најде тоа го смета за свој касмет. Така на пр. ако момата ја најде парата тоа го навестува скорото и среќно омажување и пријателките и честитаат за тоа.

Саботата вечерта, во предвечерието на свадбата, се вика строј. Вечерта околу седум часот младоженецот придружуван од некои свои роднини и блиски познати со музика оди по домовите и кани „да дојдат на строј“. Поканувањето почнува обично од кумот и деверите притоа еден од свитата на младоженецот носи букарче со ракија и сад со плодови или со грозје. Поканетите потоа доаѓаат во куќата на младоженецот, кон нив се приклучуваат многу од тие што утрината биле поканети со јаболка и тие за кои зборот свадба ја заменува поканата.

Во куќата во должина постилаат неколку рогузини, над нив черги, а од страните со перници образуваат два реда на кои седнуваат гостите што доаѓаат. Во горниот крај на тој паралелограм стои величествено кумот и со својата важност господствува над целата трпеза: нему му ја подаваат првата чашка ракија, првата чаша вино, нему најпрвин му го принесуваат јадењето; со еден збор секој благослов излегува од неговата уста. Откако ќе се навечераат и поседат со разговори, песни и танци, собраното друштво се упатува кон домот на невестата „на строј“.

Тогаш и носат свадбена носија и разни ситници што се однесуваат кон носијата. Сватовите кај невестата наоѓаат поставена маса, седнуваат и јадат по малку. Во тоа време излегува невестата, спроведувана од своите роднини и му целува рака на кумот, кумата, на родителите на младоженецот,  и на некои од најблиските роднини. Тука и ги принесуваат подароците и свадбената носија, а момите образуваат круг и пеат.

По вечерата сватовите играат, пејат, се веселат и доцна вечерта се враќаат кај младоженецот, а оттамо се разотидуваат по своите домови. Самиот младоженец не оди на строј, си останува во домот и се занимава со своите работи, пред се, со својата носија. Го бричат церемонијално со песна.

 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »