речник контакт

Азот - топ дестинација за викенд

Неодамна ,,Дневник,, регионот на Азот го посочи како една од 10-те топ дестинации во земјава. За цените на престојот во објектите во срцето на Македонија

Петар Печков

Викенд во Азот, далеку од градската врева, во спокојот на длабоките шуми, место за љубителите на планината. Регион на Азот е во срцето на Македонија во еколошки чиста средина и недопрена природна убавина. Во круг од стотина километри нема индустриски капаците, се е оставено на мајката природа.

Минат викенд, со две ноќевања во средиштето на Македонија нема да ве чини скапо, просечно четири членa семејство, не повеќе од три илјади денари за спиење во најскапа варијанта, бидејќи храната мора да ја носите со себе. Можност за ноќевање се три објекти, планинарските домови во Папрадиште и Чеплес и мотелот во селото Нежилово. 

Домот во Папрадиште е на 1060 метри надморска височина,  има капацитет од 35 легла, спиењето чини 200 денари, за првата вечер и 150 секоја следна. Објектот е нов, има кујна, купатило и санитарен јазол. До објектот се стигнува со автомобил, од Богомила е оддалечен 8 км со асфалтиран пат.

Во мијачкото село на падините од Јакупица посетете ја црквата Св. Петар и Павле дело на Андреја Дамјанов, каде можете да видите  фрески и икони на  Папрадишки и  Зографски. Планинарскиот дом Чеплес е на надморска височина од 1435 метри, располага со 50 легла, купатило, вц, кујна, ноќевањето чини 150 денари.

До него можете да дојдете со теренско возило или пеш од Папрадиште по земјен пат. Од овие два дома можете со прошетка да ги посетите изворите и водопадите на реката Бабуна, или врвот Солунска глава висок 2540 метри. До него се стигнува за два часа одење пеш од домот Чеплес. До Чеплес или Папрадиште можете и со воз до Богомила а потоа пеш до овие два дома, или со такси за 250 денари за четири лица од железничката до Папрадиште.

Во Богомила посетете ги спомен куќата на Петар Поп Арсов, еден од основачите на македонската револуционерна организација, како и  стариот Камен мост за кој мештаните тврдат дека е од римско време. Викендот можете да го минете во мотелот Нежилово, отворен пред еден месец, кој располага со 16 соби и 65 кревети а ноќевањето чини 400 денари од кревет.

Објектот располага со рибен ресторан а базените со свежа пастрмка, се на дофат од гостите. Недалеку од нив тече реката Бабуна, која ја освежува атмосферата во овие летни денови. До мотелот се стигнува по асфалтен пат од селото Богомила, оддалечен 10 км. Оттука минува и дел од трасата за тие што патуваат до Чеплес со автомобил.

За љубителите на манастирскиот туризам, попатно во Теово е комплексот Св. Архангел Михаил а во Согле црквата Св. Богородица изградeна во средината на 19-тиот век.  Ако се решите да минете викенд во Азот моторизирани, наполнете го резервоарот со гориво во Велес, потоа нема бензинска пумпа. 

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »