Петар Печков
Објавено: вторник, 03 март 2009
Папрадиште
Азот доживува туристички бум откако бројните гости лани го открија како нова дестинација за планински и манастирски туризам што дава надеж дека реонот ќе заживее, а туризмот ќе биде носечка гранка. Рекорден број на туристи минатата година ги посетиле планинарските домови во регионот на Азот, соопштуваат од локалната власт во општина Чашка.
За четвртина повеќе од претходната 2007-ма година, регистрирани се посетители и ноќевања во објектите на Чеплес, во Папрадиште и Богомила кои биле домаќини и на странци од Полска, Србија, Словенија, Хрватска, Чешка и Словачка. Така лани во овој дел од центарот на Македонија престојувале 6,2 илјади посетители со реализирани 20 илјади ноќевања.
Бабина рупа
- Пријатно сме изненадени од тоа што го доживеавме за викенд на Јакупица. Толку многу има што да се види а време немавме за се, ќе мораме повторно да дојдеме да го посетиме овој предел. Остана уште многу што да видиме. Највредно е што е така блиску до Скопје, се стигнува за два часа а пределот делува недопрен од човекот. Чист воздух, толку многу снег со автомобил се доаѓа до домот, скоро идеално – вели семејството Јовановски кое ги посетило планинарските домови во Папрадиште и Чеплес, на двете места престојувале по една ноќ. Фасцинирани се од сликата која се пружа од врвот Солунска глава, кој иако е под дебела снежна покривка, тие по неколку часовно искачување дошле до него. При престојот во Папрадиште ги воодушевила црквата Св.Петар и Павле дело на Андреја Дамјанов како и иконостасот и фреските создадени од познатите папрадишки мајстори Димитар Андонов и Ѓоргија Зографски. Нивното мислење го делат и повеќето гости кои минале незаборавен викенд во регионот на Азот.
Хотел во Богомила
Природните убавини на масивот Јакупица се на дофат на гостите бидејќи одлично се сообраќајно поврзани, железницата минува низ срцето на овој предел а речиси до секаде водат асфалтирани патишта, имаат струја, вода и инфраструктура. Затоа пак единствената реакција е дека во овој регион нема бензиска пумпа и ако се патува со автомобил, треба да го наполнат резервоарот во Велес.
Привлечни за посетителите се манастирот „Св. Богородица“ во селото Согле, изграден во 1836 година и манастирот „Св. Архангел Михаел“ во селото Теово, обновен пред двесетина години. Посетителите освен што се искачуваат на врвот Солунска Глава, висок 2.540 метри, лете и есен одат и на берба на малини, капини, боровинки или планински чај, или во лов и риболов по планинските реки. Неодминлива дестинација е и Бабина Дупка, место создадено за одмор, поглед на реонот на Азот, а се посетува и истоимената пештера или соседната Марина Рупа. Тие се мета на странците, кои од година в година ги има се повеќе.
Чеплес
- Пред некоја година зацртавме во план да се развива планинскиот туризам во Азот. За две години успеавме во дел од тие наши намери, да ги доближиме природните убавини и реткости на гостите.Наша предност е приордната убавина недопрена од човекот. Очекуваме дека со полнењето на езерото Лисиче, ќе имаме и нов импулс за развој на трузимот – вели Стојан Маневски, градоначалник на општина Чашка. Потенцијал за развој на туризмот се и малку искористените, но одлично опремени домови во селата Ораов Дол и Мокрени. Можеби и ниската цена за престој во домовите која се движи за 100 денари од ноќ е мамката што уште повеќе ги привлекува гостите.
Домот во Мокрени
Манастир во Теово
Солунска глава
Солунска глава
Tweet |