речник контакт

Азот под блокада

Незадоволни од лошата состојба на патиштата во регионот на Азот, која била последица на превозот на дрвја од страна на ЈП Македонски шуми, жителите на неколку велешки села го блокираа влезот во селото Богомила.

Петар Печков

 Тие се револтирани бидејќи шумарите преку експлоатацијата на дрвјата обезбедувале профит а со транспортот на стеблата со претоварените камиони,  ја уништуваат патната мрежа во општина Чашка. На овој начин селата Богомила, Папрадиште, Нежилово, Ореше, во центарот на Македонија,  наместо да го развиваат алтернативниот селски-планински туризам се соочуваат со изолација.

Секојдневно од 4 до 22  часот патот е постојано оптоварен со бројни камиони на Македонски шуми. Тие се тешки не помалку од 30 тона, натоварени со трупци  и огревно дрво, а патот е проектиран за многу помала тежина и оптоварување,  асфалтот е  дебел само три см. Поради ова се појавија  големи дупки, како кратери, кои го оневозможуваат нормалниот сообраќај. Затоа додека на го поправат патот нема да пуштаме нивни возила – вели   Ристо Николовски жител на селото Папрадиште.

За овој проблем писмено ја известиле локалната власт на општина Чашка, реагирале и до Шумското стопанство ,,Бабуна,, , до ЈП Македонски Шуми, Министерството за транспорт и врски, велешкиот пратеник со цел да се поправи состојбата, но патот останал со дупки а помош не стигнало од никаде. Поради ова неколку стотина жители се решија на блокада на патот кон планината Јакупица, иако знаат дека овој чекор е непопуларен но велат изнуден. Поради блокадата во колоната  возила чекаа да достават леб, млеко снабдувачите за планинските села на Азот.

Немавме пари за децата книги да им купиме, од лебот одвојувавме, но собравме за пат да направиме и сега шумското да го уништува, а за потоа да не оддели ни денар за поправка, така не може. Сакаат да ни дојдат гости, не можат по овој лош пат и не избегнуваат иако  државата сака да развиваме селски туризам. Доаѓаат амбасадори, политичари  и други  високи гости во домовите во Чеплес, Папрадиште, рибникот во Нежилово, но по каков пат патуваат. Доаѓаат странци со автобус но не можат подалеку од Богомила. Не сме против шумското, но тоа треба да го одврзе кесето и ги плати поправките од сторените штети, бидејќи 50 години сече дрвја од Азот -  Петре Ристовски од Нежилово.

Жителите го посочуваат примерот со мостот на влезот во Богомила кој е стар повеќе од две илјади години и потекнува од римско време а истиот е прогласен за историско-културен споменик. Но тој веќе попушта под тежината на камионите и времето, па е нестабилен и на ваквата состојба реагирал Републичкиот Завод за заштита на спомениците и бара тој да се санира или изгради нов.  Патната мрежа која  е изградена од 84-тата година  кон Богомила, 90 кон Папрадиште, 94 кон Ореше и 96-та кон Нежилово, но  до денес не била поправена. Локалната власт на општина Чашка со поддршка на жителите од регионот на Азот во нивните барања ЈП Македонски шуми да ги санираат сообраќајниците.

Граѓаните на општината немаше да го блокираат патот, доколку имаше и други виновници. Шумското ги гради нивните патишта, преку кои треба да дојде до сечата и шумата а овие ги заборава. Но како таа исечена дрвна маса стигнува до крајното одредиште, во Скопје или Велес. Овој проблем не е мал и во скора иднина ќе го решиме со Министерството за земјоделие и шумарство и со ЈП македонски шуми – изјави Горан Пановски градоначалник на општина Чашка.  Од ЈП Македонски Шуми одбија да одговорат дали тие ќе учествуваат во санацијата на патиштата.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »