Петар Печков
Објавено: петок, 12 јуни 2020
Доколку немаше во проектот предвидено развој на локален туризам, немаше истиот да биде прифатен. Така ќе изгубевме еден милион евра, грант од ЕУ и Светска Банка. Вака одговори градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, на прозивките на дел од јавноста во градот, зошто со пари од странски проект, се гради пристапен пат до винаријата Шато Сопот, близу наплатната рампа Сопот, на автопатот Скопје- Велес. Се асфалтираше пат во должина од 726 м, со широчина од 3-3,5 м и вредност од 70 илјади евра.
Ако не беше во проектот вметнато асфалтирање на приодниот пат до винаријата, немаше да го добиеме грантот. Немаше да ги добиеме овие еден милион евра. Згора на тоа еден дел од патот води и до винаријата и кон селото Сопот. Зошто да ги изгубевме овие средства, за кои немаме обврска за враќање. Во продолжение со истиот проект го градиме и патот кон селото. Кракот кој води до винаријата е прифатен од ЕУ и Светска Банка, тоа не е надвор од проектот. Тоа ќе овозможи транзитните туристи да идат гости и оставаат дел од девизите. Никаде не беше забрането ЕУ да поддржува, да се работи на пристап до приватни објекти доколку води до развој на туризмот - објасни Коцевски.
Проектот со кој меѓу другото се асфалтираше овој пат, е наменет за подобрување на туристичките потенцијали во општината, вреден еден милион евра а општина Велес учествува со 10 отсто од вредноста.
Со него се градат 18 различни содржини во околината на езеро Младост, меѓу нив и велосипедска патека во должина 17 км, пешачка патека, забавен парк за деца, еко камп од 1,5 илјади м2 , детски атрактивен парк за авантури, осветлување пејсажно и хортикултурно уредување на крајбрежјето, платформа за набљудување на птици, киоск за продажба на локални производи,информативни билборди.
Tweet |