Петар Печков
Објавено: сабота, 13 ноември 2021
Актерите велиме „Театарот ни е живот, животот ни е театар“ . Со оваа мисла велешкиот актер Алексндар Ѓорѓиев, го започна разговорот по повод добивањето на наградата за животно дело „Гемиџии“ а во чест на ослободувањето на Велес.
„Се што имав му дадов на театарот и се што сум можел сум примил од ликовите кои сум ги толкувал во претставите, сиве овие години„ - вели Ѓорѓиев.
Тој е првиот велешки актер кој дипломирал на ФДУ во Скопје. Во документацијата пишува дека тоа е на 16 септември 1975 година, во ист ден со колегата Иван Ванчо Петрушевски. Ѓорѓиев студирал во класата на професорите Љубиша Ѓеоргиески и Владимир Милчин. Подготвил две престави, едната била дуо драмата “Измамници“ од Славомир Мрожек која ја работел со колегата од Битола Сребре Ѓаковски и втората „Арсеник и стари дантели“ која ја работел со колегите од класата. Ѓорѓиев е еден од основачите на професионалниот велешки театар во 1978-та, кој е укинат 1966-та и продолжува да работи младинската сцена, на која припаѓа и тој. Бил директор на театарот во период од 1988-1999-та а пет години претходно уметнички директор.
„Беше тешко да се биде и актер, и директор и режисер не е лесно. И тоа во периодот кога немаше ништо во театарот. Зградата ја делевме со киното 11-ти Октомври, имаше и филм и театар. Во 1986-та успеавме да се вклучиме на програмата на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ со претстават „Кралот Иби“ која помина одлично, прифатена од фелата. И од тогаш немаше назад. Градското раководство немаше каде и така тргнавме. Работевме престави со гости, оти немаше доволно актери во велешки театар“ - вели Ѓорѓиев.
На прашањето како жив сведок, зошто се решиле велешки театар да го носи името Јордан Хаџи Константинов Џинот, низ смеа Ацо вели дека не можело поинаку.
„Џинот е основоположник на театарот не само во Велес. Тој со неговите ученици во текот на неговата настава изведувал едночинки и пишувал драмски текстови“- објаснува Ѓорѓиев. Тој имал можност да соработува со Петре Прличко. Со него настапувал во „Чорбаџи Теодос“ „Сомнително лице“.
„Петре доаѓаше често како гостин, било режисер или актер. Од него научив многу за актерството, режијата, најмногу за ограничија на работата. Тоа што тој го работел во времето на патувачките театри, а велешкиот во тоа време беше многу блиску до тоа, ми помогна многу. Научив за реклама, за како да се привлече публиката, за односот кон неа,. Тој беше моја голема школа“- додаде Ацо. На прашањето која му е најдрага улога, вели дека за тоа одговор не може а даде.
Tweet |