Петар Печков
Објавено: сабота, 01 април 2023
Денот на акцијаштвото 1 април, стотина македонските акцијаши ветерани го одбележаа во Велес. Во околината на езеро Младост, за два часа засадија две илјади садници од багреми. Работата не им беше тешка, споредено што во младоста градеа пруги,автопати, водоводна мрежа и инфраструктура.
Но возраста сега им дава можност да се вклучат во помагање при пошумувањето на земјава, но и чистењето на јавните пворшини. Толку колку што можат.
„Уште како мал ме привлекуваше работата со млади, засадување на садници. Имам учествувано на многу сојузни работни акции. Започнав 1975 како пионер, завршив како пензионер“ кажа Ордан Камењаров акцијаш од Велес.
Ниту годините, ниту ветровитото време не беа пречка поранешните акцијаши, сега ветерани, денот да го посветат на пошумување на опожарениот дел од околината на езерото. Се собраа од повеќе градови од Македонија, имаше акцијаши од Куманово, Штип, Битола, Крива Паланка.
„Акцијаш сум од 1976 година. Како што тогаш ја градевме Југославија, така сега помагаме во Македонија. Колку што можам ќе продолжам. Затоа во бригатада ги приклучив внуците од 5,5 и 4,5 години, да ја продолжат традицијата. Кумановските акцијаши денес се носители на еколошките активности во општината“ – вели Јусуф Љатифи акцијаш од Куманово.
Освен што засадуваа нови садници, тие низ муабет се потсетуваа на младоста и случките од акциите, каде минале дел од животот а оставиле траен спомен. Емоциите за враќањето во младоста не можат да се сопрат. Еден од нив е Славко Мицев, кој не крие дека неговиот прекар Гане лопатарот го добил по работата на акциите.
„По акциите сум од 1968. Првата ми беше во Нов Белград, во време кога студентите се побунија, имаше демонстрации. Од тогаш па се додека имаше работни акции учестував. Ме влече пријателството, другарството, секој пат сум помагал кога можам. Драги се спомените на луѓето и времето минати по акции“ – вели Мицев.
Tweet |